НАТО треба да ја надмине Русија во однос на воените капацитети, бидејќи таа земја веќе се подготвува за можен нов конфликт, изјави денес во Брисел американскиот амбасадор во Алијансата, Метју Витакер.
„Веќе гледаме дека Кремљ има за цел да ја обнови својата армија. Сојузниците на НАТО мора да бидат пред Русија“, изјави Витакер за новинарите пред состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата денес и утре во Брисел.
Витекер додаде дека Москва веќе го подготвува својот следен потег и дека постои руска закана.
„Русите, во моментов, ги обновуваат своите сили со стабилно темпо“, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, за новинарите.
Што се однесува до оружјето, Русите „произведуваат за три месеци она што целиот НАТО сојуз го произведува за една година“, рече Руте.
Неколку западни разузнавачки агенции проценија дека за пет или седум години Русија ќе ги обнови своите воени сили за да биде способна да нападне земја од Алијансата.
Американскиот амбасадор го повтори барањето, кое претседателот Доналд Трамп го упати неколку пати, 32-те земји-членки на НАТО да се обврзат да издвојат најмалку пет проценти од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана.
„САД очекуваат секој сојузник да презентира конкретни планови, буџети, временски рамки и резултати за да се постигне целта од пет проценти“, рече Витекер три недели пред самитот на НАТО во Хаг, на кој се очекува да се одлучи за ова прашање.