Иранците: КИНА И РУСИЈА НЕ ПРЕДАДОА

23. 06. 2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Иранците: КИНА И РУСИЈА НЕ ПРЕДАДОА

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „неоправданите“ американски напади врз иранските нуклеарни постројки го ставаат светот во голема опасност и вети дека ќе се обиде да им помогне на луѓето од Исламската Република, иако не разјасни како.

Американскиот претседател Доналд Трамп и Израел јавно изнесоа шпекулации за атентатот врз врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи и промена на режимот, чекори за кои Русија се плаши дека би можеле да го втурнат целиот регион во голема војна.

Путин денес во Кремљ го прими иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, заедно со неговиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, помошникот за надворешна политика на Кремљ Јуриј Ушаков и Игор Костјуков, шеф на руската воена разузнавачка агенција ГРУ.

„Апсолутно неиспровоцираната агресија против Иран нема никаква основа или оправдување“, му рече Путин на Аракчи, додавајќи дека сака да разговара за начините за смирување на кризата.

„Ние, од наша страна, вложуваме напори да му помогнеме на иранскиот народ.“

Иран не е импресиониран од руската поддршка

Аракчи требало да му достави на Путин писмо од ајатолахот Хамнеи во кое врховниот лидер бара поголема помош од Русија, изјавил висок извор за Ројтерс. Немаше потврда од Москва дека ова се случило.

Иран досега не е импресиониран од руската поддршка, изјавија ирански извори за Ројтерс, а земјата сака Путин да направи повеќе за да ја поддржи против Израел и САД. Иранските власти велат дека сметаат оти Русија не направила доволно за да го поддржи Техеран и се чувствуваат предадени од големите сили како Русија и Кина. Изворите не прецизираа каков вид помош сака Техеран.

Путин, чија војска води војна во Украина, покажа мал интерес за конфликт со САД околу Иран во време кога Трамп се обидува да ги поправи односите со Москва, истакнува Ројтерс.

Русија потпиша договор за стратешка соработка со Иран во јануари, но тој договор не содржеше клаузула за меѓусебна одбранбена помош.

Фото: Профи

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата