Зборувајќи на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, рускиот претседател Владимир Путин изрази загриженост поради растечките глобални тензии и можноста за голем конфликт.
Кога го прашаа дали мисли дека светот се движи кон Трета светска војна, Путин сериозно одговори:
„Загрижувачки е. Зборувам без иронија, без шега.“
Путин прво се осврна на војната во Украина, а потоа и на конфликтот меѓу Израел и Иран.
„Секако, постои голем потенцијал за конфликт. Тој расте и буквално ни е пред носот - и директно нè засега“, рече тој.
„Ова, секако, бара од нас не само внимателно да следиме сè што се случува, туку и да бараме решенија... по можност со мирни средства, во сите правци“, рече рускиот претседател.
Зборувајќи за војната меѓу Иран и Израел, рускиот лидер рече дека бил во контакт со двете страни на кои им предложил идеи за прекин на конфликтот, но не откри кои.
Тој изрази верување дека постои дипломатско решение за кризата и рече дека двете страни го проучуваат рускиот предлог.
„Цела Украина е наша“
Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјави дека Русите и Украинците се еден народ и дека „во таа смисла, цела Украина ѝ припаѓа на Русија“, и не исклучи дека армијата ќе се обиде да го освои и северниот Сумски регион.
„Ние не бараме капитулација на Украина. Инсистираме да ја признаеме реалноста на терен“, рече рускиот лидер во говорот на економски форум во Санкт Петербург.
Путин, кој тврди дека Русија се бори во Украина за да ја заштити сопствената безбедност, ја спомена „руската поговорка“:
„Каде што стапнува ногата на руски војник, тоа е нашe“.
Рускиот претседател рече дека Русија никогаш не се сомневала во правото на Украина на суверенитет, но дека Украина била „неутрална држава“ за време на прогласувањето на независноста во 1991 година.
Тој тврди дека Русија е „принудена“ да воспостави безбедносна зона по должината на границата со Украина, пренесува Ројтерс. Путин рече дека „не го отфрла“ освојувањето на украинскиот Сумски регион.
Во својот говор, тој исто така рече дека за време на освојувањето на рускиот Курски регион, украинските сили извршиле злосторства против цивилното население.