Иако конфликтите меѓу големите светски сили изгледаат далечни, последиците од напнатите односи меѓу САД, Иран и Израел можат значително да го погодат глобалниот пазар, а индиректно и економијата во Македонија. Последното одбележано заострување доведе до сериозни дискусии за потенцијално затворање на Ормускиот теснец – поморски пат преку кој се превезува околу 20% од светската трговија со нафта и природен гас.
"Иран реагираше на воздушните напади врз неговите нуклеарни постројки со парламентарна иницијатива за затворање на теснецот кај Ормуз. Овој стратешки канал се наоѓа на излезот од Арапскиот залив и преку него дневно минуваат огромни количества нафта."
Последиците би биле глобални, а ефектите брзо би се почувствувале и кај нас.
Покачувањето на цените на нафтата веќе е факт, со скок од речиси 20% уште по првите удари. За споредба, Ормуз е широк 33 километри, но на само два километра е овозможено движење на бродови – што го прави едно од најгустите и најранливите грла за транспорт во светот.
Моментално, првиот чекор кон блокада на теснецот е направен, но последниот збор го има иранскиот совет на експерти. Разрешница во оваа ситуација би можело да биде или откажување од блокадата или пак, комепнзирање со зголемено производство на нафта и гас од други региони. Како мала економија, Македонија нема влијание врз овие текови, но последиците по цените и достапноста на енергенсите ќе ги почувствуваат и домашните потрошувачи.
Покрај морскиот транспорт, воените напади предизвикаа големи проблеми и во воздушниот сообраќај. Поради безбедносни причини, летовите над иранска територија се прекинати неколку дена. Ова резултира со подолги рути од Европа кон Азија и Австралија, што значи раст на трошоците за гориво и очекувано поскапување на авионските билети.