Одамна Реал Мадрид предводен од Карло Анчелоти не бил така надмудрен и понижен во секој поглед, како што тоа беше вчера на „Емирати“ во Лондон. Во право е Џуд Белингем кој по мечот истакна дека тој и неговите соиграчи треба да бидат среќни зошто примија само три гола.
Инаку позната е славната изјава на Дон Карло дека Реал не мора премногу да трча за да победи! Но, дали е баш така уште ако имаш играч од 40 години кој ти е главен архитект. Секоја чест за Лука Модриќ, ама 40 години си се 40 години.
Вчера играчите на Реал Мадрид заедно истрчале 101,16 км. Додека оние на Арсенал 113,56 км. Значи дури 13 км помалку. Тоа секако дека преголема разлика и затоа “кралевите“ беа демолирани, и уште ако се знае дека Мбапе, Вини и Родриго не се расположени секогаш да играат одбрана, ете ти проблем.
Уште повеќе се трчаше во Минхен. Баерн истрча 122,96 км а Интер 120,81 км. Оваа разлика е мала и затоа Интер победи. Ама разликата меѓу Арсенал и Реал е огромна.
Иако составот е млад, во просек 26 години, Реал Мадрид вчера наликуваше на стар тим, без идеја, без да знае што треба да направи.
Да, секоја чест за ѕвездите, но во тимот мора некој и да трча…