И дефинитивно почна војната за тронот во ФИФА. Претседателот на Конфедерацијата на фудбалски асоцијации на Северна, Централна Америка и Карибите (КОНКАКАФ), Виктор Монтаљани, размислува за кандидатура за претседател на ФИФА. Како што објавува „Англиш Ток Спорт“, тој би можел да стане сериозен противник на сегашниот прв човек на светската фудбалска куќа, Џани Инфантино.
Монтаљани има амбиција да го преземе раководството на ФИФА, а ќе мора да донесе одлука за својата официјална кандидатура до 18 ноември, кога истекува рокот за аплицирање.
Според извори блиски до организацијата, приоритет на канадскиот функционер во моментов е реизбор на позицијата претседател на КОНКАКАФ, но не е тајна дека тој долго време ја посакува највисоката функција во светскиот фудбал. Се разгледуваат две опции: директно одење на изборите против Инфантино или создавање притисок врз сегашниот претседател да се повлече пред гласањето.
Потенцијалната кандидатура на Монтаљани доаѓа во време на зголемено незадоволство во ФИФА по контроверзниот предлог на Инфантино да продаде дел од комерцијалните права на Светското првенство на приватни инвеститори.
Тој план предизвика противење од голем број асоцијации, вклучувајќи ги УЕФА и КОНКАКАФ, по што Инфантино се откажа од идејата.
Доколку се формира блок против Инфантино, сегашниот претседател би можел да се соочи со сериозен предизвик.
УЕФА има 55 членови, додека КОНКАКАФ собира 41 асоцијација, што би претставувало значајна база на гласачи на изборите. Виктор Монтаљани (60) е канадски фудбалски функционер и бизнисмен, претседател на КОНКАКАФ и потпретседател на Советот на ФИФА.
Пред да влезе во високите фудбалски структури, работел во осигурителниот сектор и ги завршил студиите на Универзитетот „Сајмон Фрејзер“.
Својата фудбалска кариера не ја градел професионално, туку како аматер играл за клубот „Колумбус“.
sportmedia.mk

