Манчестер Јунајтед минатата година оствари рекордни финансиски приходи од 666,5 милиони фунти, иако тимот заврши на 15. место во лигата – што е најлош пласман на „црвените ѓаволите“ во елитното англиско првенство од сезоната 1973/74.
Сепак, почетокот на нивниот петгодишен договор за спонзорство на предниот дел од дресовите со компанијата „Snapdragon“ му овозможи на клубот од „Олд Трафорд“ да оствари рекордни комерцијални приходи од 333,3 милиони фунти, додека приходите од натпревари исто така беа рекордни – 160,3 милиони фунти годишно, заклучно со 30 јуни 2025 година.
„Да се имаат вакви бизнис резултати и приходи во толку предизвикувачка година за клубот само ја покажува решеноста и одлучноста кои се заштитен знак на Манчестер Јунајтед“, изјави извршниот директор на клубот, Омар Берада.
Берада не сакаше да го коментира лошиот старт на сезоната за Јунајтед, туку потенцираше дека клубот е насочен кон резултати на подолг рок.
Вкупниот загубен износ на Јунајтед од 33 милиони фунти претставува намалување од 70,8% во однос на претходната година, кога таа бројка изнесуваше 113,2 милиони фунти.
Од клубот велат дека „остануваат посветени на досегашната работа и дека се придржуваат кон Правилата за профит и одржливост на Премиер-лигата и правилата за финансиски фер-плеј на УЕФА“.
Во јануари ревизорската куќа „Deloitte“ го рангираше Јунајтед како клуб со четврти најголем приход во светскиот фудбал, врз основа на заработката од 651 милион фунти во претходната година.
На прво место беше Реал Мадрид (883 милиони фунти), а потоа следеа Манчестер Сити (708 милиони фунти) и Пари Сен Жермен (681 милион фунти).