И покрај тоа што влезе во петтата деценија од животот, Кристијано Роналдо продолжува неуморно да ги тресе мрежите. Португалскиот ас во тековната сезона на 35 одиграни натпревари за Ал Наср постигна 32 гола и додаде четири асистенции.
Роналдо очигледно ужива во животот на Блискиот Исток, па на почетокот на годината ја продолжи соработката со клубот од Саудиска Арабија, потпишувајќи договор вреден повеќе од 167,9 милиони фунти. Ова го задржа како најплатен фудбалер во светот. Новиот договор го обврзува до јуни 2026 година, кога ќе има 41 година.
Тој веќе откри дека по играчките денови се гледа себеси во улога на сопственик на фудбалски клуб, кој би ја продолжил дружбата со спортот, но се уште не е јасно кога ќе се повлече од терените. Иако сè укажува дека кариерата ќе ја заврши во Саудиска Арабија, постои и сценарио во кое би можел да се врати во европскиот фудбал.
Теди Шерингем, поранешен напаѓач на Манчестер Јунајтед и освојувач на Лигата на шампионите и трикратен англиски шампион со „црвените ѓаволи“, исто така ја изрази својата визија каде Роналдо би можел да ја продолжи кариерата. Според британски Дејли Мејл, Шерингам верува дека постои шанса Роналдо да заврши со најголемите ривали на неговиот поранешен клуб, Манчестер Сити. На оваа тема тој рече:
“Мислам дека навивачите на Манчестер Јунајтед не би биле среќни. Доколку бројките се поклопат, Роналдо веројатно би ја искористил таа можност со двете раце. Дефинитивно може да постигне гол, нели? Тоа е непобитно”.
Со оглед на тоа што Манчестер Сити веќе некое време е без Ерлинг Халанд, нивниот најдобар стрелец, Шерингам смета дека токму овој детаљ може да му ја отвори вратата на Португалецот:
„Да, изгледаа малку изгубено без нивниот напаѓач, нели? Немаа ист ритам во играта, но не знам. Леле, не ни помислив на тоа, Роналдо дефинитивно ќе беше возбуден поради тоа. Тоа би било забавно“, рече Шерингам, додавајќи: „Се обложувам дека ако му се понуди шанса да оди во Сити, без размислување ќе оди во Сити“.