Новото седиште на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари во Чаир беше отворено без присуството на Теута Рамадани-Џафери, претседателката на партискиот Форум на жените при овој огранок. Во јавна изјава таа нагласи дека „нејзиниот бојкот не бил тивок чин, туку свесна реакција на насоката, што ја зазема партијата“. „АА скршна од патот, јас не сум дел од овој пат!“ – изјави Рамадани-Џафери. Ова го објави информативниот портал на албански јазик „Попули“.
Порталот пишува: „Вистината не бара дозвола да се каже.“ – посочи Теута Рамадани-Џафери, остро спротивставувајќи се на зближувањето на Алијансата на Албанците со Демократската унија за интеграција, „бидејќи АА имаше мисија да ја испрати ДУИ во опозиција“, како што посочи таа.
Според неа, новиот пат, што го следат Арбен Таравари и другите челници на АА е во спротивност со жртвувањата на активистите, кои ја изградија структурата на АА на теренот. „Раскинувањето со Зијадин Села се случи поради оваа причина, – затоа што тој одлучи да соработува со ДУИ. Трагично е што ја доживуваме истата приказна, овојпат со друга рака, што нè турка кон истата бездна. Се спротивставувам на ова скршнување од патот, кое нема никаква врска со Алијансата за Албаните, која ја изградивме заедно.“ – нагласи Теута Рамадани-Џафери во својата остра реакција кон Арбен Таравари и неговата одлука да отпочне опозициска соработка со ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети.