Колку сме поединствени, толку ќе бидеме поотпорни на било какви предизвици. Верувам во регионалното единство и повикувам на јасен, силен, единствен регионален глас што ќе ја обликува нашата заедничка иднина во Европа, е пораката што ја упати претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со албанскиот претседател Бајрам Бегај и со бугарскиот претседател Румен Радев по завршувањето на денешниот Самит на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржа во Тирана.
– Отсекогаш сме биле не само географски дел од Европа, туку и историски и културно. Време е и политички да станеме дел од Европа. Ова јас не го нарекувам реинтеграција, ова го нарекувам реунификација бидејќи таа нема да биде завршена без нас – беше децидна Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека не смееме да дозволиме да бидеме геополитичка и геоекономска периферија. Потребна ни е, истакна таа, соработка, инфраструктурна, економска, енергетска, дигитална затоа што преку соработката ќе изградиме посилен и поповрзан и поконкурентен регион.
– Да не очекуваме да нѐ почитуваат, ако не се почитуваме меѓусебе. Поддржувам и поддржуваме заеднички регионален пазар и интегрирање на нашиот пазар во Европскиот, тоа мора да е врзано со реформи, а тоа ни го овозможува планот за раст на ЕУ – рече на прес-конференцијата Сиљановска-Давкова.
Упатувајќи честитки до домаќините – Албанија за досегашното претседавање со ПСЈИЕ и до идните – Бугарија, претседателката Сиљановска-Давкова уште еднаш повтори дека на сите ни е јасно дека патот до нашата европска иднина води преку регионалната соработка и солиданорст.
Во таа насока, таа искажа длабока благодарност за покажаната солидарност по трагичниот пожар во Кочани.
– Таквата хуманост и соседска грижа се потврда дека регионалната солидарност не е само вредност, туку е вистинска практика. Повикав денеска оваа солидарност да не остане изолиран гест, туку да стане суштински елемент во градењето на стабилен, безбеден и просперитетен регион, темел за промени, а не само реакција на кризи – рече претседателката на Македонија.
Не можев, нагласи таа, да не укажам на сериозните пречки што ја забавуваат европската интеграција на регионот.
– Мислам дека постоеја и сѐ уште постојат предрасуди како рецидиви од минатото дека ние сме периферијата на европската периферија. Укажав и на потребата од надминување на билатерализацијата во интеграцијата бидејќи од најблиските соседи очекувам најголемо разбирање. Ваквите постапки што нема да застанат на нашиот случај, не само што го поткопуваат процесот, туку ја засилуваат всушност перцепцијата за Балканот дека сѐ уште не е подготвен за Европа – потенцираше Сиљановска-Давкова.
Тоа значи, додаде претседателката на Македонија, ние сме одговорни да ги промениме овие наративи и трендови, бидејќи силно влијаат врз демографската слика на регионот.
Укажа дека сите земји во реигонот се соочени, особено мојата земја, како што рече, со масовна депопулација, со егзодус на најумните, младите заминуваат и тоа е гоелма загуба и се чувстувува не само во економијата, туку и во демократијата. Треба да ги инспирираме да остранат дома, порача таа.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претходно се обрати на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Тирана и посочи дека во услови на драматични геополитички промени, со сè помалку мултилатерализам и сè повеќе мултиполарност, со војна на тлото на Европа – интеграцијата е неодложен геополитички и безбедносен императив за Европската Унија.
Таа нагласи дека е особено важна одговорноста на земјите членки од регионот коишто треба да бидат двигатели на проширувањето, а не извор на блокади што го поткопуваат кредибилитетот на Унијата.
Истакнувајќи дека уште посериозна препрека е билатерализацијата на интегративниот процес од самите балкански соседи, преку злоупотреба на правото на вето, идентитетски условувања и историски ревизионизам, таа оцени дека овие постапки не само што го забавуваат процесот на евроинтеграцијата, туку и ги засилуваат стереотипите дека Балканот не е подготвен за Европа.
Нагласувајќи дека кандидатите за членство, наместо солидарност и фер процес, сѐ почесто се соочуваат со опструкции поради билатерални прашања, претседателката оцени дека наместо европеизација на Балканот – сведоци сме на опасен тренд на балканизација на Европската Унија и истакна дека ова мора да се смени и тоа за доброто на сите.
„Бугарија никогаш не ставила вето“
Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека Бугарија никогаш не ставила вето на европскиот пат на Северна Македонија, јавува БГНЕС.
На заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и албанскиот претседател Бајрам Бегај, која се одржа по Самитот на шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), Радев изјави:
– Постои Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и два протоколи. Постои Преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус од сите земји членки и од Владата на Северна Македонија, така што Бугарија никогаш не поставувала, ниту ќе поставува услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и од двата протокола.
Радев нагласи дека Бугарија не поставува блокади, туку се повикува на спроведување на веќе постигнатите договори.
– Она што сакаме да го видиме е реално почитување на човековите права. Говориме за човекови права, чекаме веќе три години да започне процесот на пристапување и отворање на преговорите со Северна Македонија, вклучително и со уставните измени – додаде бугарскиот претседател.
Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека Скопје не добива доволна поддршка од соседите на патот кон евроинтеграцијата.
На ова Радев ѝ одговори дека „не станува збор за нерешени билатерални односи, не станува збор за вето или за стопирање на процесот од страна на некоја соседна држава.“
– Во европскиот консензус од 2022 година јасно се наведува дека станува збор за внатрешни предизвици поврзани со човековите права и владеењето на правото, и затоа уште еднаш сакам да ве уверам дека Бугарија, како најблиска и пријателска земја, подава рака за да помогне, за вашето државно раководство и општеството многу побрзо да се справат со предизвиците и да ги исполнат Копенхашките критериуми за членство – порача Радев.