Како што пренесе Бета, Вучиќ во своето извинување наведе дека нема право никого да нарекува имбецил, но и дека „подеднакво лошо мисли за професионалноста и објективноста на споменатите новинари“.
- Верувам дека во ова мое извинување луѓето ја гледаат разликата, не само во одговорноста, туку и во почитта што ја покажувам кон луѓето кои размислуваат поинаку. Верувам дека луѓето ја гледаат разликата во однос на оние опозициски политичари кои се закануваат со смрт, целосно свесно и без волја и желба да се извинат, но и разликата во однос на лицемерниот колегиум на РТС кој не го осуди физичкото попречување и нападот на екипа на РТС за време на протестот на 1 февруари во Нови Сад, ниту претходно во Автокоманда, изјави српскиот претседател.
Вучиќ оцени дека „пленумот победил на РТС“, а неговата работа како претседател на државата е „да направи се за да победи правото и моралот во Србија“.
Програмскиот колегиум на РТС и редакцијата на Дописиштвото на јавниот сервис од Ниш ја осудија изјавата на Вучиќ, кој на митингот во Бор ја навреди новинарката на РТС Лидија Георгијев нарекувајќи ја „имбецил“.
- Ниту еден носител на јавна функција, без разлика на која политичка партија припаѓа, нема право да зборува за нашите колеги на ваков навредлив начин, соопшти РТС.
Се додава дека РТС е „единствениот медиум кој, и покрај сите свои слабости, се обидува да одржи дух на толеранција во својата програма и да иницира некаков дијалог меѓу спротивставените политички партии“.
- Затоа бараме од сите носители на јавни функции да ги почитуваат нашите новинари и куќата која се труди да го зачува духот на нормалноста и пристојноста во општеството, наведува Програмскиот колегиум. /МИА