Стерјовски: Потребно е поголемо внимание од страна на Владата за унапредување на правата

18.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Стерјовски: Потребно е поголемо внимание од страна на Владата за унапредување на правата

Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, за албанската МЦН телевизија, зборуваше за тоа колку моментно се почитуваат правата на македонското малцинство во однос на образованието, јазикот или другите елементи што му припаѓаат на малцинството.

-Од оваа гледна точка, Албанија во споредба, на пример со други земји членки на ЕУ, како што се Бугарија и Грција, го признава македонското малцинство во Преспа и Врбник, и овде го имаме правото на образование на мајчин македонски јазик. Но, проблемот е што сме признати само во малцинските зони, поранешните малцински зони од времето на комунизмот, и овие права се ограничени само тука, изјави тој.

Додаде дека тие права не се прошируваат на целата територија на Република Албанија, како на пример во Гора и Голо Брдо, каде што треба да се признае исто така правото на македонската заедница, бидејќи тие се Македонци, зборуваат македонски јазик, но немаат право да го изучуваат на училиште, во образовниот процес, ниту пак во градовите каде што се концентрирани.

- По усвојувањето на Законот за националните малцинства, сега беа усвоени и сите подзаконски акти, беше формиран и фонд за заштита на националните малцинства, но тој фонд е многу мал – 4.000.000 нови леки (40 лјади евра) за сите малцинства годишно, што е премалку за зачувување на јазикот, традициите, или за да имаме медиуми на наш мајчин јазик. Значи, потребно е поголемо внимание од страна на Владата за унапредување на овие права, посочи тој.

Изрази надеж Албанија што побрзо да стане членка на ЕУ, за овие права да се прошират според сите конвенции за заштита на малцинствата.

-Има уште многу да се направи на ова поле, но како што потенцирав и претходно, пред сè, македонската заедница во руралните подрачја каде што живее – условите се навистина скандалозни и потребно е поголемо внимание, како и економски пакет. Особено во инфраструктурата, патишта, водовод, канализација, здравството, со цел припадниците на македонската заедница да имаат поквалитетен и подостоинствен живот, и да не ги напуштаат овие места, своето родно огниште, местата каде што се родени, да не се селат во внатрешноста, во албанските градови или во странство, рече Стерјовски за МЦН.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата