– Високи парични казни што достигнуваат и до 8.000 евра, одземање на возачките дозволи, па дури и активирање на Кривичниот законик, предвидува новиот закон за безбедност во сообраќајот на патиштата во Грција што од денеска стапува во сила, а има за цел намалување на сообраќајните несреќи, јави дописничката на МИА од Атина.
Според Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција, земјата е над европскиот просек во смртните случаи во сообраќајни несреќи на патиштата, а прекршоците, како што се користење мобилен телефон, пребрзо возење, неносење појас или кацига и возење под дејство на алкохол се клучните причини за несреќи.
Новиот закон, пред три месеци со широко мнозинство беше изгласан од грчкиот Парламент, а како што тогаш објави МИА, предвидува низа промени во казните, токму за овие прекршоци што доведуваат и до сообраќајни несреќи.
Казни од 350 до 2.000 евра за употреба на мобилен телефон или за неносење појас или кацига на мотор, казни од 2.000 до 8.000 евра за брзина од над 200 километри на час, казна до 2.000 евра за поминување на црвено, активирање на Кривичниот законик при опасно возење, воведување систем на казни на повеќе нивоа при повторување на прекршокот, предвидува меѓу другото новиот во закон.
Од 350 до 4.000 евра казна за употреба на мобилен телефон при возење
Досега, за користење мобилен телефон без разлика дали е предизвикана несреќа или не, само се одземаа возачката дозвола и регистарските таблички на 60 дена.
Сега, постои разграничување и доколу при употребата на мобилниот не се предизвика сообраќајка, казната е 350 евра и одземање на дозволата на 30 дена, доколку се работи за прво прекршување.
При второто, казната е 1.000 евра и одземање на дозволата за 180 дена, а доколку возачот биде фатен по трет пат да користи мобилен додека вози, ќе треба да плати 2.000 евра и една година ќе остане без возачка дозвола.
Казните се построги ако поради употребата на мобилниот телефон биде предизвикана несреќа, а во овој случај се активира и Кривичниот законик за опасно возење, што вклучува и казна затвор.
За предизвикување сообраќајна несреќа при користење мобилен телефон казната е 350 евра и одземање на возачката дозвола за 30 дена, доколку се повтори прекршокот паричната казна е 2.000 евра и одземање на возачката дозвола на четири години, а во случај возачот по трет пат да го стори истиот прекршок парична казна се зголемува 4.000 евра, а осум години ќе остане без возачка.
Слични казни се предвидени и за некористење кацига или појас како од возачите на мотори, така и од сопатникот.
Возење без безбедносен појас или без кацига на мотор – казни и за возачот и за совозачот
Неносењето појас во возилата или заштитна кацига на моторите досега се казнуваше со 50 евра и одземање на дозволата и регистарските таблици на 60 дена, додека пак сега, казната за возачите е 350 евра и одземање на возачката дозвола на 30 дена.
Совозачот на моторот, доколку не носи кацига ќе биде казнет со 350 евра, но казна ќе добие и возачот, па дури и да носи.
Истото важи и за безбедносниот појас, ако совозачот не носи ќе биде казнет со 150 евра, а иста казна ќе добие и возачот, без разлика дали носи или не.
Овие казни се однесуваат на прекршокот доколку е сторен прв пат.
За втор пат, казните се 1.000 евра и одземање на возачката на 180 дена, а за трет пат е 2.000 евра и возачот ќе биде една година без возачка дозвола.
Возење под дејство на алкохол
За возење под дејство на алкохол казните се движат меѓу 350 до 4.000 евра и одземање возачка од 30 дена до десет години, во зависност од количината алкохол и дали станува збор за прв, втор или трет прекршок.
Претходно, за возење под дејство на алкохол од 0,50 до 1,10 г/л предвидена беше парична казна од 200 до 700 евра и одземање на возачката дозвола до 90 дена, како и кривична постапка во потешки случаи.
Сега се воведуваат современи методи за откривање, кои вклучуваат и тестирање за психоактивни супстанции, а возилото се запира задолжително и се чува под надзор.
За возење под дејство на алкохол што е меѓу 0,50 и 0,80 г/л, паричната казна е 350 евра, а возачката дозвола се одзема на 30 дена, додека пак ако количината алкохол во крвта е меѓу 0,80 и 1,10 г/л, паричната казна е 700 евра и одземање на дозволата на 90 дена.
При повторни прекршувања и во двете категории казната се зголемува на 1.000 евра и одземање на дозволата на 180 дена, а со следното прекршување има и ново зголемување на казните, односно паричната на 2.000 евра, а возачот една година ќе биде без возачка дозвола.
За возење под дејство на алкохол што е над 1,10 г/л, претходно возачот се казнуваше со 1.200 евра, одземање на дозволата за 180 дена и најмалку 2 месеци затвор, додека пак сега се менува само затворската што може да биде од два месеци до пет години.
За одново повторување на прекршокот казната е 2.000 евра, возачката дозвола се одзема на седум години, а при трет пат, возачот ќе треба да плати казна од 4.000 евра и десет години ќе биде без дозвола.
Надминување на дозволената брзина – од 700 до 8.000 евра казна
Високи се казните и за возење со прекумерна брзина, за прекршување на сообраќајни знаци, за возење без дозвола итн.
За надминување на дозволената брзина над 50 километри на час, претходната регулатива предвидуваше парична казна од 20 до 175 евра и одземање на возачката дозвола до 60 дена, сега пак, паричната казна се зголемува на 700 евра.
При повторување на прекршокот, казната е 1.000 за првото, 2.000 евра за второто прекршување, а возачката се одзема на 180 дена, односно една година.
Посебни казни се предвидени и за недозволени трки на автомобили и брзина од над 200 км/ч, каде што казните се од 2.000, 4.000 и 8.000 евра при првиот, вториот и третиот прекршок, заедно со одземање на возачката дозвола на една, две или четири години, во зависност дали е прв, втор или трет прекршок, наспроти казната од 700 евра и одземање на возачката дозвола и регистарските таблици на 30 дена, што важеше досега.
Поминување на црвено и незастанување на СТОП
За поминување на црвено светло, казната останува иста како и досега, 700 евра и одземање на возачката дозвола на 60 дена, а се укинува одземањето на регистарскитре таблици на 20 дена.
Казната е поголема при повторување на прекршокот, 1.000 евра за прво повторување, 2.000 евра за второ и одземање на дозволата за 180 дена, односно една година.
Ако возачот не застане на СТОП знакот, казната се менува во однос на тоа дали прекршокот резултирал со предизвикување сообраќајна несреќа, нешто што не беше случај досега.
И во двата случаи, претходно се казнуваше со 700 евра и одземање на возачката дозвола и регистарските таблички на 20 дена.
Сега, ако не се предизвика сообраќајна несреќа, при првото прекршување, казната е 350 евра и одземање на возачката дозвола за 30 дена, а во случај да има повторување се зголемува на 1.000 и 2.000 евра и одземање на дозволата за 180 дена, односно една година.
Ако возачот не застане на СТОП и предизвика сообраќајна несреќа паричната казна е 700 евра за првиот прекршок, 2.000 за вториот и 4.000 евра за третиот, а возачката дозвола се одзема на 60 дена, четири години или осум години.
За возење без возачка дозвола предвидена е парична казна од 1.000 евра и затворска казна до две години, а во случај на несреќа, се применуваат одредбите од Кривичниот законик за опасно возење.
Дополнително, за паркирање на место наменето за инвалиди, казната е 150 евра и ќе се отстрануваат регистарските таблици и ќе се одземе возачката дозвола на прекршителот, додека пак за велосипедистите ќе биде забрането да возат на улица.
Паралелно од 1 јануари 2026 година ќе се воведе ограничувањето на брзината во зависност од населените места, а до тогаш останува границата до 50 километри на час во градовите.