-Разговаравме за напредокот на одобрениот проект CROSSROAD, кој опфаќа асфалтирање на патот во село Туминец, од главниот пат до близина на почетната точка кон Манастирот „Света Марена“, со почитување на сите технички параметри и потребните подслоеви, објави Колефски.
Според него оваа инвестиција значително ќе ја подобри инфраструктурата, пристапот за жителите и посетителите, а ќе придонесе за економскиот и туристичкиот развој на регионот.
Оценува дека ова е конкретен чекор кон одржлив рурален развој и унапредување на прекугранична соработка.
Интеррег е серија на програми за стимулирање на соработката помеѓу регионите во и надвор од Европската Унија, финансирани од Европскиот фонд за регионален развој.
Инаку, селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење - Горица и е второ село по големина.
Манастирот "Света Марена" посветен на Света великомаченица Марина – Марена - Огнена Марија, датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Во него се наоѓаат поголем дел од моштите на Светицата каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти.
Македонците од оваа област, каде и да се, за патронот на манастирот, 30 јули, се тука и традиционално го слават заедно.