За време на средбата со Вучиќ во Пекинг, каде што двајцата присуствуваат на одбележувањето на Денот на победата во Втората светска војна, тој најави дека до крајот на годината ќе се одржи уште една седница на Заедничкиот комитет за трговска, економска и научно-техничка соработка меѓу Република Србија и Руската Федерација, објави Телеграф.
- Подготвени сме да работиме заедно. Се надевам дека ќе можеме подетално да разговараме за економската соработка - рече Путин.
Вучиќ денеска, по средбата со претседателот Владимир Путин, изјави дека соработката со Русија на највисоко ниво е од исклучително значење за Србија.
- Соработката на највисоко ниво со Русија во сите области е многу важна за Србија и се надевам дека ќе имаме можност не само да зачуваме, туку и да подобриме некои аспекти од нашата соработка. Енергијата е особено важна за нас, а снабдувањето со гас е од огромно значење за стабилноста на нашата земја - рече Вучиќ.
Како што истакна, разговорите со Путин отворија простор за понатамошно зајакнување на партнерството во клучните сектори, вклучувајќи ја енергетиката, инфраструктурата и билатералните односи.
На средбата на двајцата лидери се разговараше за широк спектар на теми - од гасниот аранжман и снабдувањето со нафта, преку големи инфраструктурни проекти, до подобрување на политичката и економската соработка меѓу Србија и Русија.
Вучиќ, исто така, потсети дека Србија е во многу тешка ситуација и под голем притисок од почетокот на украинската криза, но дека успеала да ја одржи својата принципиелна позиција.
- Ние сме единствената земја во Европа која не воведе никакви санкции кон Руската Федерација и во иднина ќе ја задржиме нашата неутралност - нагласи претседателот.
Да потсетиме дека за време на посетата на Кина, српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со претседателот на Народна Република Кина Си Џинпинг, претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, како и со други високи кинески функционери и претставници на големи компании, објави претходно Службата за односи со медиумите на претседателот на Републиката.
На 3 септември, Вучиќ ќе присуствува на голема воена парада по повод Денот на победата, на која се поканети лидери на 26 земји.