Конститутивната седница на Собранието на Косово денеска е прекината, по четврти пат, откако Самоопределување на Албин Курти побара дополнително време за да се избегне повторување на ситуацијата од 19 април, кога кандидатот на партијата за претседател на Собранието, Албуљена Хаџиу, не доби доволно гласови за да биде избрана.
Седницата ќе продолжи во среда во 10 часот.
Пратеникот на Ветевендосје, Глаук Коњуфца, рече дека партијата повторно ја номинира Хаџиу и побарале дополнително време бидејќи, како што рече, другите партии се изјасниле дека нема да гласаат за неа, пренесе Телеграф.
Хаџију на 19 април во два круга гласање не го освои потребниот број гласови за да биде избрана, бидејќи за неа гласаа 57 пратеници, а за да биде избрана за претседател на Собранието на привремените институции, кандидатот треба да освои просто мнозинство или најмалку 61 глас.
Конститутивната седница на Собранието на Косово беше прекината и на 15 и на 17 април кога не беа потврдени мандатите на пратениците, бидејќи албанските опозициски партии гласаа против извештајот на Комисијата за верификација на мандатите, со кој бараа членовите на актуелната влада да поднесат оставки пред да дадат заклетва како пратеници.
На изборите одржани на 9 февруари, Ветевендосје освои 48 пратенички места, Демократската партија на Косово 24, Демократскиот сојуз на Косово 20, Алијансата за иднината на Косово и иницијативата Нисма осум, Српската листа девет, Партијата за слобода, правда и опстанок еден, а преостанатите 10 непретставнички места се на другите заедници.