Отворен тестаментот на архиепископот Јанулатос

2.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Отворен тестаментот на архиепископот Јанулатос

По одржаниот 40-дневен помен по неговата смрт, Синодот на Албанската автокефална црква го отвори тестамент на архиепископот Анастас Јанулатос.

- Во тестаментот стои дека сите негови финансиски заштеди како архиепископ и припаѓаат на Албанската црква. Половина од нив да бидат потрошени во завршувањето на катедралата „Воскресение Христово“ во Тирана, додека остатокот да се користи за поддршка на платите на свештениците и за развој на црковните младински програми на албанската црква, објави Албанската автокефална православна црква (ААПЦ) на официјалната страна на Фејсбук.

Книгите, чиј автор е тој треба да се предадат на библиотеката на Православната богословска академија „Воскресение Христово“, а дел од нив, симболично, да им бидат подарени на други митрополити. 

Книгите лоцирани во Атина се донирани на библиотеката на Центарот „Порефтентес“, кому му ги префрла и авторските права од продажбата на негови книги.

Поглаварот Јанулатос, почина на 25 јануари во болницата „Евангелизам“ во Атина, каде што се лекуваше од 3 јануари. На 30 декември беше превентивно примен во болница во Тирана со сезонски вирус, меѓутоа ситуацијата се влошила, па на 3 јануари во вечерните часови со авион на грчкото воено воздухопловство, итно беше пренесен во болница во Атина.

Роден е на 4 ноември 1929 година во Пиреја. За архиепископ на Тирана, Драч  и цела Албанија, како што беше неговата титула,  беше избран во јуни 1992 година, кога во исклучително тешки околности ја основа и ја разви автокефалната Албанска православна црква, која беше целосно запоставена во децениите на комунистичкиот режим.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата