Обвинителен акт против поранешниот хрватски министер за здравство и уште седум лица за корупција

16.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Обвинителен акт против поранешниот хрватски министер за здравство и уште седум лица за корупција

Хрватската служба за борба против корупција и организиран криминал (УСКОК) поднесе обвинение против поранешниот министер за здравство Вили Берош и уште седум лица пред Окружниот суд во Загреб, поради сомнежи за корупција поврзана со јавни набавки на медицинска опрема, јави државната телевизија ХРТ.

Според УСКОК, државниот буџет е оштетен за повеќе од 740.000 евра, а Берош е осомничен дека примил мито во износ од 75.000 евра.

Меѓу обвинетите се и бизнисменот Хрвоје Петраќ, кој се предаде на властите минатата недела по осум месеци бегство, неговите синови Новица и Никола Петраќ, бизнисменот Саша Поздер, поранешниот шеф на неврологија во болницата „Сестри милосрдници“ Крешимир Ротим, директорот на Детската болница во Загреб Горан Роиќ и Томо Павиќ од филијалата на Хрватскиот институт за здравство и социјална заштита во Крапина.

Обвинението опфаќа дела како што се: злосторничко здружување, давање и примање мито, злоупотреба на положба и овластување, незаконско фаворизирање, трговија со влијание и перење пари. Три правни лица исто така се обвинети за истите дела во рамки на организирана група.

Откако УСКОК во ноември минатата година го уапси Берош заедно со Ротим и Поздер, Европското обвинителство во Загреб отвори посебна истрага против нив и уште пет лица.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата