Неуспешен е и 51. обид за констутуирање на Собранието на Косово

23.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Неуспешен е и 51. обид за констутуирање на Собранието на Косово

Според косовските медиуми, Дехари одлучил да ја прекине седницата по вербален конфликт со пратеничката на Демократската партија на Косово, Ганимете Муслиу.

Следната седница е закажана за петок, 25 јули, во 11 часот.

На почетокот на седницата, Дехари ги повика партиите да предложат членови за комисијата за тајно гласање и ги предупреди пратениците дека дебата не е дозволена и дека тие имаат право само да предложат име.

Бидејќи пратеничката Муслиу почна да му се обраќа од говорницата, Дехари го исклучи микрофонот и таа му се приближи и започна дискусија, а по вербалниот конфликт, Дехари ја прекина седницата.

Конститутивната седница започна пред три месеци, на 15 април, и беше прекината прво затоа што мандатите на пратениците не беа потврдени, а потоа затоа што кандидатката на Ветевендосје за претседателка на Парламентот, Албуљен Хаџиу, не го доби потребниот број гласови.

Од почетокот на мај, седницата е прекината затоа што опозицијата не го прифаќа предлогот на Ветевендосје гласањето за избор на претседател на Собранието да биде тајно.

Ветевендосје инсистира гласањето да биде тајно и не се откажува од својата кандидатка Албуљен Хаџиу, иако во шест обиди за избор таа никогаш не добила повеќе од 57 гласа, додека за избор се потребни 61 глас.

На 26 јуни, Уставниот суд донесе одлука според која пратениците се должни да ја завршат конститутивната седница најдоцна во рок од 30 дена.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, вчера се обрати до Уставниот суд со барање за толкување на правните последици што можат да произлезат доколку новото Собрание не се конституира во предвидениот 30-дневен рок.

На изборите одржани на 9 февруари, Самоопределување освои 48 места, Демократската партија на Косово 24, Демократскиот сојуз на Косово 20, Алијансата за иднината на Косово и иницијативата Нисма осум, Српската листа девет, Партијата за слобода, правда и опстанок едно, а преостанатите 10 места им припаѓаат на претставници на други немнозински заедници.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата