Четиричлено семејство планинари од Бугарија, кои беа заробени на Олимп поради невреме, денеска е успешно спасено, јавија грчките медиуми.
Поради снег, силен ветер и дожд, двајца искусни планинари и нивните деца на возраст од седум и 11 години синоќа се изгубиле и ноќта ја минале на локацијата Зонарија, на надморска височина од над 2.600 метри, пренесе Екатимерини.
Противпожарната служба околу 23 часот добила повик од планинари за помош, по што нивните членови и спасувачките екипи излегле на местото на настанот.
Во акцијата за спасување учествувале 14 пожарникари, како и припадници на спасувачката служба кои рано утрово успеале да стигнат до планинарите и да ги пренесат на безбедно.