Мицотакис во дводневна официјална посета на Света Гора по реакциите од седум манастири

4.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мицотакис во дводневна официјална посета на Света Гора по реакциите од седум манастири

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од денеска е во дводневна официјална посета на Света Гора, посета што според весникот „Катимерини“, доаѓа по реакциите на седум манастири, кои првично не се согласувале со пристигнувањето на премиерот, јави дописничката на МИА од Атина.

Посетата синоќа беше официјално најавена од кабинетот на Мицотакис, а грчкиот весник пишува дека „голем дел од манастирите ја ставија под сомнеж посетата на премиерот на Света Гора“.

- Игумените на најмалку седум манастири на Света Гора изјавија дека нема да присуствуваат на церемонијата на пречек на премиерот, потег што би можел да се протолкува како резултат на климата на незадоволство во Атонската заедница поради владините одлуки кои, според нив, „ги засегаат религиозните чувства и верувања на православните христијани“, пишува весникот и додава дека сепак, во поканата испратена до премиерот биле потпишани сите 20 манастири.

Претходеле, според „Катимерини“, маратонски разговори и дискусии за да се отстранат приговорите на седумте манастири, кои отворено изјавиле дека немаат намера да присуствуваат на приемот на премиерот, но на крај го потпишале заедничкото соопштение.

Реакциите биле јавно изразени минатиот четврток на состанокот на Светата заедница, а претставниците на седум манастири, зеле збор и „отворено го изразија своето несогласување со посетата“.

- Тие го критикуваа Кирјакос Мицотакис за неговите избори кои, како што тврдеа, ги навредуваат верните христијани, особено со законот за истополови бракови и посвојување деца и изјавија дека нема да присуствуваат на церемонијата на пречек на премиерот и неговата придружба, пишува „Катимерини“.

Од кабинетот на грчкиот премиер синоќа соопштија дека Мицотакис ќе биде во дводневна официјална посетата на Света Гора, во Кареја ќе се сретне со игумените и претставниците на 20-те свети манастири, кои свечено ќе го пречекаат и ќе има ручек со нив, а пoтоа ќе ги посети и манастирите Ивирон, Ватопед, Симонопетра и Ксенофонт. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата