Претставникот на ЕУ во заминување за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека ЕУ има намера да ги рестартира разговорите на лидерско ниво по изборите во Косово и оцени дека дијалогот е во подобра состојба отколку кога почна неговиот мандат во пролетта 2020 година, но дека нормализацијата на односите не напредува.
Во вчерашното проштално интервју за Радио телевизија на Србија (РТС), Лајчак рече дека ЕУ се подготвува да „почне разговори на највисоко ниво по изборите во Косово“.
-Новата висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, јасно кажа дека ќе биде директно вклучена и дека сака да го води процесот. Се подготвува став на ЕУ, предлог за двете страни, рече Лајчак.
Тој рече дека проширувањето се вратило на агендата на ЕУ и дека тоа е еден од нејзините приоритети денес. Лајчак смета дека актуелната политичка криза во Србија треба да се реши со дијалог меѓу домашните актери, покажување добра волја и почитување на демократските принципи на владеење на правото. Тој изрази уверување дека Србија има потенцијал со свои сили да ги реши проблемите и да оди напред.
Лајчак додаде дека неговиот наследник Питер Соренсен, кој, додаде, е искусен дипломат и добро го познава Балканот, ќе биде таму за да и помогне на Каја Калас во оваа работа.
Соренсен ја презема функцијата на 1 февруари, а неговиот мандат ќе трае 13 месеци.