Прашањата поврзани со Синајскиот манастир Света Катерина беа во фокусот на средбата во Каиро на министрите за надворешни работи на Грција и Египет Јоргос Герапетритис и Бадр Абделати, а шефот на грчката дипломатија посочи дека работат на обезбедување на правата на манастирот, јави дописничката на МИА од Атина.
Во изјава за државната телевизија ЕРТ, Герапетритис по средбата рече дека нивните односи со Египет „се длабоки и имаат развиено стратешки карактеристики“.
- Со египетскиот министер за надворешни работи разговаравме за прашањата поврзани со манастирот Света Катерина на планината Синај. Се договоривме во непосредна иднина да работиме на обезбедување на правата на манастирот, како и на неговата правна форма и лик. Намерата на Египет и Грција е да одиме напред врз основа на долгогодишната традиција и веќе воспоставениот статус на манастирот симбол поради неговиот грчко-православен култен карактер, рече Герапетритис.
Посетата на шефот на грчката дипломатија на Каиро доаѓа по одлуката на египетски суд во врска со статусотна манастирот Света Катерина.