Герапетритис: Европа треба конечно да се погрижи Западен Балкан да стане приоритет

14.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Герапетритис: Европа треба конечно да се погрижи Западен Балкан да стане приоритет

Дваесет и две години по почетокот на процесите, Грција продолжува да биде сила која го забрзува процесот, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис при пристигнувањето на Советот за надворешни работи на Европската унија во Луксембург, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Грција се осврна на актуелните ситуации во Украина и на Блискиот исток, но и на позицијата на Европа, нагласувајќи дека „Европа ќе треба да расте, да стане посилна, помоќна“.

-Европа треба да говори со обединет глас, кој ќе се заснова на вредностите на Европа, на безвременските вредности кои ги истакнаа европските институции: вредноста на почитувањето на меѓународното право, на мирното решавање на споровите, прекинот на непријателствата на сите фронтови, посветеноста на вредностите на владеењето на правото и демократијата, порача Герапетритис.

За Украина посочи дека „непријателствата треба веднаш да престанат“ и ги осуди нападите од изминатите денови, додека за Блискиот Исток, рече дека „Европа треба да биде активно присутна за да можат да престанат сите непријателства“ и изрази загриженост за ситуацијата на Западниот Брег.

- Ќе треба да започне политички дијалог, што ќе доведе до решение за формирање на Палестинска држава, со учество на палестинската управа, која е единствената легална и легитимна власт во поширокиот регион, рече Герапетритис.

Дополнително истакна дека Европа треба да има активно присуство и во Сирија, но и во хуманитарните кризи и во Африка и во другите делови на светот. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата