Пред гласањето, бугарската европратеничка Рада Лајкова во името на екстремно десничарската групата Европа на суверени нации (ЕСН) побара повлекување на Извештајот, со образложение дека известувачката по него припаѓа на владејачката партија во Бугарија – Граѓани на европски развој на Бугарија (ГЕРБ), со што, според неа, постои судир на интереси и е доведен во прашање интегритетот на документот, со што се поткопува и дигнитетот на Европскиот парламент.
Во реакција на предлогот, холандскиот европратеникот Јерун Ленарс од Европската народна партија (ЕПП), чија членка е и ГЕРБ, оцени дека барањето е неосновано, истакнувајќи дека ЕСН веројатно повеќе би сакала Бугарија да ја воведе рубљата, а не еврото.
Предлогот на Лајкова беше одбиен, откако „за“ него гласаа само 71 европратеник, 539 беа „против“, а 64 беа „воздржани“.
Денешната одлука на европратениците следи откако лидерите на земјите членки на Унијата на Самитот на 26 јуни го поздравија Извештајот на Еврокомисијата за подготвеноста на Бугарија за воведување на заедничката европска валута, во кој се оценува дека земјата ги исполнува условите за приклучување кон Еврозоната од следната година, и му препорача на Советот на ЕУ да го одобри предлогот.
Еврокомисијата во Извештајот, објавен на 4 јуни, препорача прием на Бугарија во Еврозоната од 1 јануари следната година, со оценката дека бугарската економија е доволно подготвена за пристап кон зоната на еврото, а националното законодавство е усогласено со европското.
Врз основа на поддршката од европските лидери и денешната одлука на Европарламентот, Советот на ЕУ сега треба да се изјасни за официјален прием на Бугарија во Еврозоната.
Според Договорот за Европската Унија, секоја земја при приемот во ЕУ се обврзува да го прифати еврото, но нема утврден временски рок за тоа. Исклучок од ова правило е Данска, која со договорот за пристапување кон ЕУ побара да биде изземена од обврската за воведување на еврото.
За да се приклучи кон Еврозоната, секоја земја мора да ги исполни Мастришките критериуми, кои предвидуваат ниска инфлација, буџетски дефицит на ниво под три отсто од БДП, јавен долг од под 60 проценти од БДП, најмалку двегодишно учество во Европскиот механизам на девизниот курс (ЕРМ 2), како и просечната номинална долгорочна каматна стапка да биде повисока за најмногу два процентни поени од просечните камати во трите земји на ЕУ со најниска инфлација.
Бугарија, која стана членка на ЕУ на 1 јануари 2007 година, на 10 јули 2020 година се приклучи кон механизмот ЕРМ 2, кој колоквијално се нарекува „чекална за Еврозоната“, од кога курсот на бугарскиот лев е врзан за еврото.
Софија првично планираше Бугарија да се приклучи кон Еврозоната на 1 јануари 2024 година, но оваа цел не беше остварена поради високата инфлација, чиј раст се припишуваше на Ковид пандемијата и руската инвазија врз Украина, но и поради политичката нестабилност во земјата со неможноста за формирање стабилна Влада.
По очекуваното приклучување кон Еврозоната, Бугарија ќе стане нејзина 21-ва земја членка. Покрај Бугарија и Данска, членки на Еврозоната меѓу државите од ЕУ не се ни Полска, Романија, Унгарија, Чешка и Шведска.