Епицентарот на насилствата се случи пред седиштето на Српската напредна партија во Нови Сад, кое наликуваше на бојно поле. Поголема група демонстранти се судрија со полицијата и со приврзаниците на владеачката партија, кои го бранеа објектот од гневните граѓани. Меѓусебно се користеа палки, летаа камења и пиротехнички средства, а војник употреби и пиштол.
-Во моментот кога не опколија од три страни, а зад нас имаше ѕид, проценив дека мојот и животите на седуммина колеги е загрозен, го употребив оружјето и истрелав куршум во воздух. , изјави Владимир Бркушанин, заставник.
-Најголем број од повредените се всушност граѓани кои се повредени од страна на „блокадерите“, тоа се оние кои политички поразлично размислуваат од нив. Против сите кои го крешеле законот ќе бидат идентификувани и санкционирани. , изјави Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија.
Поголем дел од протестите во 30-ина српски градови синоќа, според Дачиќ, биле насочени кон просториите на „Напредњаците“ како одговор на инцидентите во кои претходната вечер учествувале приврзаници на партијата во Врбас и Бачка Паланка. Во полноќното обраќање, Вучиќ за насилствата прстот повторно го впери и кон надворешни сили, без да прецизира кои.
-Каква и да е граѓанска војна нема да има. Тие ја покажаа целата хистеријата и очај затоа што се се помалку. Се „чистат“ улиците на Белград. Наскоро ќе има и „чистење“ на улиците на Нови Сад. Наскоро ќе ги „исчистиме“ сите наши градови од тепачите, убијците и сите останати. , изјави Александар Вучиќ.
Од студенството движење на Србија преку соопштение ја обвинија власта дека со инцидентите се обидела конечно да предизвика граѓанска војна, а за тоа да ги обвини студентите и граѓаните. Дел од аналитичарите велат дека фактот што зборот „граѓанска војна“ прв пат се чул од двете страни треба да биде сигнал за будење.
-Во Србија постои непрогласена вонредна состојба во која власта применува т.н. методологија на ползечки државен удар. Тоа е кога претседателот ги аместира и оние кои не се ниту гонети. Тој (Вучиќ) размислува за предвремени избори. Јас мислам дека тоа е единствениот излез од кризата. , изјави за српскиот севрис на Еуроњуз, Душан Јањиќ, Форум за етнички односи.
Oд владеачката напредна партија вчера соопштија дека за нив е пожелно избори да се одржат кон крајот на следната година. Антивладините протести во Србија почнаа пред девет месеци поради уривањето на натрешницата од железничката станица во Нови Сад, кое однесе 16 жртви.