Зошто православниот и римокатоличкиот Велигден некогаш се поклопуваат, а друг пат не

5.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зошто православниот и римокатоличкиот Велигден некогаш се поклопуваат, а друг пат не

Причината за тоа се различните календари и правилата за пресметка.

Католичката црква користи Грегоријански календар, а Православната црква се води според Јулијански календар. Разликата меѓу овие календари денес е 13 дена, што влијае на пресметката на датумите.

И двете цркви го следат правилото од Првиот вселенски собор во Никеја - Велигден да се слави во првата недела по првата полна месечина по пролетната рамноденица, но католиците ја пресметуваат рамноденицата според Грегоријанскиот календар, а православните според Јулијанскиот.

Православната црква додава уште едно правило, дека Велигден мора да биде после еврејската Пасха (Песах), што често го поместува датумот подоцна во однос на католичкиот Велигден.

Православна црква богослужбениот живот го раководи според јулијанскиот календар, популарно наречен „стар календар“  или „стар стил“. Тој календар сега „доцни“ 13 дена зад „новиот“ грегоријански календар што е во најширока употреба во светот.

Јулијанскиот календар своето име го добива според Гај Јулиј Цезар, римскиот владетел, кој го востановил овој календар како официјален во Римската држава во 46 година пред Христа. Овој календар се базира на тогашното научно согледување дека една година, односно периодот на една револуција на Земјата околу Сонцето, изнесува 365 дена и 6 часа. Тие 6 часа во рок од четири години прават еден цел ден, и тој ден се додава во престапната година, која заради тоа има 366 дена.

Христијанската црква, која се развила токму на територијата на Римската држава, едноставно го прифатила државниот календар и според него ги пресметувала своите празници.

Но, во времето на Ренесансата, во XVI век, е утврдено дека должината на годината всушност е нешто пократка отколку што е според јулијанскиот календар, односно дека изнесува 365 дена, 5 часа, 49 минути и 12 секунди. Оваа разлика од 10 минути и 48 секунди, од времето на Првиот вселенски собор до XVI век, довела до отстапка од 10 дена. Тогашниот римски папа, Григориј XIII, одредил да се изготви нов календар, според новите пресметки за должината на годината, и кога ќе стапи во сила, да се направи корекција на датумот, за да се отстрани отстапувањето од 10 дена. За со текот на времето да не се створи повторно слично отстапување, новиот календар има поинаков начин за одредување на престапните години. Овој календар се нарекува грегоријански и има разлика во датумот во однос на јулијанскиот календар. Од неговото воведување во употреба во 1582 година, до денес разликата помеѓу двата календари се зголемила на вкупно 13 дена. Во 2100 година разликата ќе стане 14 дена.

Грегоријанскиот календар стапил во сила најпрвин во римокатоличките земји, во XVI век, во протестантските земји во XVIII век, а во православните земји – на почетокот на XX век. Притоа, Православните цркви го задржале јулијанскиот календар за црковна употреба, и жителите на овие земји се научиле на паралелно користење на стариот календар (за црковна употреба) и новиот календар (за сè останато). 

Единствено во однос на пресметувањето на најголемиот празник во христијанската вера, Воскресението Христово – Пасха, Велигден, црквата одредила посебни правила и канони. Уште на Првиот вселенски собор, во 325 година, во Никеја, е утврдено дека се забранува прослава на Воскресението Христово во ист ден кога се празнува еврејската Пасха, пред пролетната рамноденица. До Соборот веќе била воспоставена праксата Велигден да се празнува во недела – денот на Воскресението Христово, и тоа не било променето на Соборот, а не е променето ниту до денес. И денес го славиме Велигден не на фиксен датум, туку секогаш во недела, после полната месечина по пролетната рамноденица. (Полната месечина во приказнава е поврзана со одредбата за еврејската Пасха: еврејската Пасха се празнува на 14-от ден од месецот нисан; нисан е првиот пролетен месец во северната хемисфера; бидејќи во еврејскиот календар месеците доследно ги следат месечевите мени, 14-от ден од месецот нисан секогаш има полна месечина.) На тој начин, прославата на Христовото Воскресение Светите Отци ја врзале не за еден или за друг календар, кои се устроени од луѓето и се само приближно точни и се подложни на грешки, туку за движењето на небесните тела, кое е устроено од Бога.

Според датумот на празнувањето на Воскресението Христово се одредува и кога почнува Великиот пост, кога се подготвителните недели пред Великиот пост, кога се празниците после постот, Вознесението Христово – Спасовден, Педесетница, односно Духовден, и, конечно, на кој ден ќе започне Апостолскиот пост. А понатаму, во текот на целата година, неделите се бројат во однос на празникот Педесетница, па во верското календарче читаме: „таа и таа недела после Педесетница“, што значи дека датумот на прославувањето на Пасхата има печат и врз целата година.

Иако најчесто се разликуваат, сепак, на секои неколку години календарите и пресметките на римокатолиците и православните „се поклопуваат“, па и двете цркви го слават Велигден заедно.

По 2025-та, христијаните заедно ќе го прослават Воскреснието Христово во 2028, 2031, 2034, 2037... Севкупно, во текот на целиот 21 век, прославата на Велигден ќе се биде на ист ден 31 пат. Но, сепак, од чисто астрономски причини, во секој нареден век, ова ќе се случува сè поретко и разликата помеѓу прославата на Велигден за двете деноминации ќе станува сè поголема и поголема. 

Последен пат кога прославите на Велигден ќе се совпаднат се проценува дека е во 2698 година. Оттогаш, православните и западните христијани никогаш повеќе нема да го прославуваат Воскресението Христово заедно. /MИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата