Зошто не е добро „да се спасува“ детето од секоја ситуација што му предизвикува страв?

24.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зошто не е добро „да се спасува“ детето од секоја ситуација што му предизвикува страв?

Ваквите реакции, иако произлегуваат од љубов, можат да ја одржат вознемиреноста подолго време и да доведат до тоа детето подоцна во животот да се чувствува помалку сигурно, пренесува „Гардијан“ (The Guardian).

Циклусот на семејно прилагодување

Оваа појава, кога родителите го менуваат своето однесување, рутините или очекувањата за да му помогнат на детето да ја избегне или ублажи вознемиреноста, според психолозите и терапевтите се нарекува „семејно прилагодување“.

Ова се случува кога родителот одговара наместо срамежливо дете за да го поштеди од непријатност, кога испраќа порака до наставникот, наместо да го охрабри детето само да побара помош, ја отстранува секоја неизвесност што може, и тоа често функционира, барем на почетокот. Сепак, на овој начин детето пропушта можност да ја искуси непријатноста и да се справи со ситуациите што на почетокот му изгледаат тешки.

Што вели истражувањето?

Една студија, во која учествувале 75 родители на деца со анксиозни нарушувања покажала дека колку повеќе родителите се прилагодуваат во ситуации што предизвикуваат непријатност кај децата, толку потешки симптоми на анксиозност се јавуваат подоцна во животот.

Ова значи дека реакцијата на родителите на стрес станува дел од циклусот кој тешко може да се прекине. На децата треба да им се дозволи да чувствуваат тешкотија и сами да се справат со ситуацијата.

Улогата на родителските тешкотии

Гледањето како детето плаче и паничи пред да тргне на училиште може исклучително да го вознемири родителот, особено ако знае дека има проблем во односите со врсниците. Тогаш и тој е вознемирен, па во утринските часови, додека се обидува да го испрати, предвидува што може да тргне наопаку. Во обидот да го заштити, најчесто го контактира училиштето за да предложи решенија или му дозволува на детето да остане дома.

Анксиозноста е сложена појава и на нејзиниот развој влијаат бројни фактори, вклучувајќи го темпераментот, генетиката, животните искуства и средината. Сепак, анксиозноста на еден член од семејството со текот на времето може да влијае на целото семејство, создавајќи образец на однесување што постојано се повторува и дополнително ја засилува вознемиреноста.

Промена на пристапот

Наместо родителите да се прашуваат што да направат за детето да престане да ја чувствува анксиозноста, подобро е да се запрашаат како може да му помогнат за тоа да научи да се справи со анксиозноста.

Наместо да кажете: „Нема за што да се грижиш“, обидете се со: „Гледам дека си вознемирен/а. Тоа е непријатно чувство. Со тебе сум и знам дека можеш да се справиш со ова. Тука сум да ти помогнам.“

Овој пристап може да доведе до сосема поинаков исход. Тоа може да значи „страшната“ ситуација да се подели на помали чекори, наместо целосно да ја отстраните. Притоа, важно е да не му ја ускратувате поддршката и да не го принудувате на ситуации за кои не е спремно.

Целта не е да се игнорира неговата непријатност, туку да се покаже разбирање за она што му претставува тешкотија, истовремено давајќи му до знаење дека може постепено да се соочи со тие предизвици и успешно да ги надмине.

Заедничко справување со вознемиреноста

Когнитивно-бихејвиоралната терапија (КБТ) често се користи при појава на анксиозност кај децата. Таа им помага на децата да ги препознаат вознемирувачките мисли, да развијат вештини за справување и постепено да се изложуваат на работите од кои се плашат.

Родителите кои и самите се соочуваат со анксиозност треба да знаат кога е потребно да побараат стручна помош. Ние влијаеме врз нашите деца повеќе отколку што можеби сме свесни. Справувајќи се со нашите сопствени стравови и анксиозност, им дозволуваме и на децата да го сторат истото. Барањето помош за себе не е одвоено од помагањето на детето; понекогаш, тоа е клучен дел од процесот.

Кога детето е вознемирено, може да изгледа како проблемот да лежи исклучиво во него. Но, децата живеат во семејни системи кои развиваат одредени обрасци на реагирање на стрес. При помагање на детето кое е вознемирено, понекогаш треба да ги преиспитаме овие обрасци, вклучувајќи ги и сопствените.

Една од најмоќните пораки што еден родител може да му ја пренесе на своето дете е: „Што и да се случи, верувам дека можеш да се справиш со тоа, а јас сум тука да те поддржам.“

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата