Жена (61) спие во „плакар“ и заштедила 1.000 евра: „Во креветот само спијам“

4.09.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Жена (61) спие во „плакар“ и заштедила 1.000 евра: „Во креветот само спијам“

Бенита (61) од Стокхолм спие во мала ниша налик на плакар, а тврди дека класична спална соба никогаш не ѝ била потребна. Со преселувањето во помал стан ги намалила трошоците и добила поголема слобода.

Кога Бенита (61) се преселила во мал стан во историска зграда од 1898 година, во срцето на Стокхолм, многумина биле изненадени од една работа – таа одлучила својата спална соба да ја замени со мала ниша налик на плакар.

Сепак, Бенита не смета дека поради тоа нешто изгубила. Напротив, вели дека животот во помал простор ѝ го донел токму она што ѝ било потребно: помали трошоци, помалку обврски и повеќе слободно време, пишува „Лепа и среќна“.

„Во креветот само спијам“, објаснува таа.

Бенита легнува околу девет часот навечер, станува во пет часот наутро и, како што вели, во спалната соба поминува само онолку време колку што ѝ е потребно за спиење и местење на креветот.

Затоа, класичната спална соба никогаш не ѝ била приоритет.

Помал стан, поголема слобода

Со одлуката да се пресели во помал стан, Бенита го растоварила домашниот буџет за околу 1.000 евра. Помалата хипотека ѝ донела и помал финансиски притисок, но и поголема слобода.

За неа тоа било поважна придобивка од дополнителната просторија што речиси и да не би ја користела.

Бенита и порано имала необични решенија за спиење. Во еден стан креветот ѝ бил сместен во дел од дневната соба, додека во друг спиела во подрумот.

Поради тоа, како што вели, навикнала на реакциите од луѓето кои сметаат дека секој простор за спиење мора да изгледа како класична спална соба.

Овој „плакар“ крие интересна приказна

Просторот во кој денес спие на прв поглед изгледа како голем плакар, но неговата историја е многу поинтересна.

Станува збор за оригинален ходник во зградата од 1898 година. Некогаш го поврзувал дуќанот со станбениот дел во кој живееле трговците.

Поради конструкцијата на старата зграда и носечките ѕидови, просторот не можел едноставно да се отстрани или да се спои со остатокот од станот.

Затоа Бенита решила да го претвори во нешто корисно.

Наместо неискористената ниша да ѝ претставува проблем, таа од неа направила мал, интимен простор за спиење. Ваквиот начин на организирање на просторот не е целосно нов. Креветите сместени во ниши или затворени простори биле познати во Шведска уште во 19 век.

Таквите кревети, познати како „skåpsäng“, денес често се поврзуваат со традиционалниот и рустикален ентериер.

Бенита, сепак, на своето катче му дала помодерен изглед. Стариот кревет на спрат кој се наоѓал во нишата го заменила со нов кревет, а ѕидовите и таванот ги обоило во смирувачка земјена нијанса.

Додала бели ленени завеси за да го сокрие гардероберот и на просторот да му даде помек изглед.

Вратата на нишата, која претходно била светлозелена, ја обоилa во длабока чоколаднокафеава боја.

Резултатот е мал, топол агол кој повеќе наликува на внимателно осмислена ниша за одмор отколку на класичен плакар.

„Не ми е клаустрофобично“

На социјалните мрежи имало и такви кои коментирале дека спиењето во ваква ниша би било непријатно или би предизвикувало чувство на клаустрофобија.

Бенита, сепак, не гледа така на тоа.

Една од причините е и висината на таванот. Во станот таа изнесува околу 3,3 метри, поради што малата површина на нишата не остава ист впечаток како класичен низок и затворен простор.

За Бенита најважно е што просторот е прилагоден на нејзините вистински потреби.

Нејзината филозофија е едноставна: ако просторијата ја користите само неколку часа дневно, можеби нема потреба за неа да издвојувате голем дел од домашниот буџет.

Наместо поголема квадратура, таа одлучила парите и времето да ги вложи во она што ѝ е поважно.

А нејзиниот мал „плакар“ за спиење е токму пример како историски, наизглед неупотреблив простор може да стане еден од најинтересните делови од еден стан.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата