Воената хунта на Мјанмар амнестираше 6.100 затвореници на Денот на независноста

4.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Воената хунта на Мјанмар амнестираше 6.100 затвореници на Денот на независноста

Ова е сторено по повод 78-годишнината од независноста на земјата од Велика Британија.

Засега не е познато дали меѓу ослободените има и политички притвореници, од кои илјадници се уапсени поради противење на воената власт.

Амнестијата доаѓа во момент кога воената влада продолжува со едномесечен изборен процес за кој критичарите сметаат дека е осмислен како фасада за легитимитет на статус-кво состојбата во Мјанмар.

Државната телевизија МРТВ јави дека генералот Мин Аунг Хлаинг, шеф на воената влада, помилувал 6.134 затвореници.

Се наведува дека и 52 странци ќе бидат ослободени и депортирани од Мјанмар. Не е достапен сеопфатен список на ослободените.

На другите затвореници им се намалени казните, освен на оние осудени за тешки кривични дела како што се убиство и силување или по обвиненија врз основа на разни други безбедносни закони.

Условите за ослободување предупредуваат дека, доколку ослободените притвореници повторно го прекршат законот, ќе мора да го отслужат остатокот од своите првобитни казни заедно со која секоја нова казна.

Ослободувањето на затвореници, вообичаено за празници и други значајни пригоди во Мјанмар, почна денеска и се очекува да трае неколку дена.

Во затворот Инсеин во Јангон, кој е познат по сместување на политички притвореници, роднини на затворениците се собраа утрово рано пред портите.

Сепак, немаше знаци дека ќе биде ослободена и поранешната лидерка Аунг Сан Су Чи, која беше соборена по военото преземање на власта во 2021 година и оттогаш практично е во изолација. Таа отслужува казна од 27 години затвор.

Мјанмар стана британска колонија кон крајот на 19 век и ја врати независноста на 4 јануари 1948 година.

Годишнината беше одбележана во главниот град Нејпјидо со церемонија на подигање на знамето во градското собрание.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата