Во заедничка акција на ОЛАФ и француската Царина запленети над 10,7 милиони фалсификувани играчки

19.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во заедничка акција на ОЛАФ и француската Царина запленети над 10,7 милиони фалсификувани играчки

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) информира дека во голема операција спроведена во тесна соработка со француската царина, биле запленети повеќе од 10,7 милиони фалсификувани играчки продадени преку интернет, од кои голем број претставуваат значителен ризик за здравјето и безбедноста на потрошувачите, особено за децата.

- Случајот започна кога француската Царина го информираше ОЛАФ за фалсификувани играчки што беа откриени и запленети додека нелегално се продаваа од трети страни на онлајн платформи. Како одговор, ОЛАФ започна координирана истрага на европско ниво, се наведува во соопштението на Европската канцеларија за борба против измами.

Истрагата траела неколку месеци, при што ОЛАФ во соработка со француската и чешката царина спровел обемни онлајн контроли, во чии рамки биле идентификувани милиони сомнителни листи за продажба на играчи и голем број од нив биле повлечени од понудата.

- Фалсификуваните играчки не се само повреда на интелектуалната сопственост. Тие се директен ризик за безбедноста на децата. Оваа операција покажува што може да се постигне кога ОЛАФ тесно соработува со националните власти, порача в.д. генералната директорка на ОЛАФ, Сала Састамоинен.

ОЛАФ во соопштението додава дека со оваа операција завршува првата фаза од пошироката истрага на ниво на ЕУ, координирана од негова страна и веќе се подготвуваат понатамошни оперативни акции за борба против криминалните мрежи кои ја експлоатираат онлајн трговијата за дистрибуција на фалсификувани и опасни производи.

- ОЛАФ останува посветен на поддршка на земјите членки, заштита на потрошувачите и обезбедување дека онлајн пазарите не се користат за пласирање на нелегални стоки во Европската Унија, се додава во соопштението. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата