Во Тирана одржана промоција на македонско вино и вински туризам, одекнуваше и македонско оро

27.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Тирана одржана промоција на македонско вино и вински туризам, одекнуваше и македонско оро

Организаторите, македонската амбасада и македонскиот КИЦ,  не го кријат задоволството од масовната посетеност и позитивните оценки на присутните.

-Денес, со голема возбуда и радост го одржавме настанот посветен на промоцијата на македонското вино и винскиот туризам. Во преубава атмосфера, големиот број присутни имаа можност да уживаат во богатството на нашите врвни вина, да се запознаат со традиционалните вредности, но и со современите достигнувања во винската индустрија, рече за МИА, Љуфтим Спахиу, вршителот на должноста македонски амбасадор.

Настанот помина во одлично расположение, исполнет со дегустации, интересни презентации, едукативни предавања и средби со претставниците на винариите. 

Видно беше чувството на  задоволно од квалитетот на македонските вина, од богатата понуда на вински тури, како и од прекрасната културна програма која го заокружи ова незаборавно искуство.

-Овој настан ја покажа големата љубов, труд и традиција што ја носиме како винска дестинација и ја потврди важноста да се поддржува и промовира македонскиот вински туризам на домашен и меѓународен план, оцени Спахиу.

Дополнителна убавина на настанот му даде настапот на фолклорната група  од Пустец облечени во македонски народни носии, кои со својот настап внесоа дух на традиција и гордост, збогатувајќи ја целата атмосфера.

-Посебно задоволство и гордост е што нашата фолклорна група пред посетителите  претстави дел од  богатиот фолклор и преубавите носии. Македонската музика одекнуваше во центарот на Тирана, на влезот во познатиот објект  „Пирамида", место каде што е големо присуството и на странски туристи. Очекуваме вакви настани да се одржуваат и во иднина  и во други градови во Албанија, рече за МИА, Васил Стерјовски, лидер на македонската партија, МАЕИ, кој заедно со градоначалникот на Пустец, Пали Колефски присуствуваа на овој настан.

Според Стерјовски Македонците имаат што со гордост да презентираат и да се пофалат, а тоа е фолклорот и богатите носии и од Голо Брдо и Гора, населени со Македонци.

На денешниот настан  беше поставен и штанд со промотивни материјали за изучување на македонскиот јазик на Лекторатот при Универзитетот во Тирана и промотивни материјали на македонските друштва и весници. /МИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата