Во пештерата Самотска Дупка на Галичица утврдена хибернациска колонија лилјаци од видот мал потковичар

23.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во пештерата Самотска Дупка на Галичица утврдена хибернациска колонија лилјаци од видот мал потковичар

 За врема на посетата и извршениот мониторинг на биодиверзитетот утврдена е досега најголемата хибернациска колонија  лилјаци на видот мал потковичар (Rhinolophus hipposideros) во Преспанскиот регион, со околу 90 единки. Во пештерата се изброени и повеќе единки од видовите голем потковичар (Rhinolophus ferrumequinum) и остроушест лилјак (Myotis blythii), информира Македонското еколошко друштво. 

- Во Европа постојат 55 видови на лилјаци, од кои 30 се присутни во Македонија. Овие мали, но важни животни се активни во топлите месеци, а по настапувањето на студеното време и намалувањето на достапноста на храна – тие се засолнуваат во зимските засолништа и паѓаат во хибернација, до првото пролетно затоплување, посочија од МЕД.

Лилјаците се една од најзагрозените групи на животни, а најголемите закани се предизвикани од човечките активности како што се сечењето на шумите, сушењето на водните површини, прекумерната употреба на пестициди, нарушување на нивните живеалишта и ловот. Меѓутоа, лилјаците воопшто не претставуваат опасност за луѓето, а напротив, играат важна улога како природни регулатори на инсектите. Без нив, популацијата на штетни инсекти може значително да се зголеми, што доведува до штети на земјоделските култури, шумите и дури можен пренос на несакани болести.

Минторингот на лилјаци во Преспа се спроведува како дел од „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата