Успехот на храбри и решителни поединци е доказ дека дарбата не познава граници и попреченост

14.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Успехот на храбри и решителни поединци е доказ дека дарбата не познава граници и попреченост

Со освоеното второ место на годинашниот Меѓународен шаховски турнир „Бања Лука 2025" во БиХ, Александар е пример дека лицата со церебрална парализа или со каква било попреченост, или пак - без попреченост, треба да бидат упорни во остварувањето на своите цели во животот.

Александар има 16 години, и е втора година во гимназијата „Раде Јовчевски - Корчагин“ во Скопје. Тој е одличен ученик, „со по некоја четворка“, како што вели. Момчето игра шах од свои осум години, а како деветгодишен, неговите родители го запишале на часови. Во тој спорт го вовел татко му. Родителите имаат голем удел во националните и меѓународните успеси на овој повеќекратен медалист, смета тој.

Александар е член на најголемото македонско здружение на граѓани со попреченост - „Мобилност Македонија“, поточно на скопскиот огранок, во делот за лица со церебрална парализа.

„Огромна чест за ’Мобилност Скопје’, претставува тоа што го имаме нашиот успешен млад шахист - членот Александар Стојчески, кој со големото освоено второ место меѓу искусните и повозрасни натпреварувачи, покажа дека знаењето и талентот немаат граници односно ги рушат сите бариери и предрасуди за успех. Нашето здружение е гордо на ваквите свои членови, му ја честита победата на Александар и посочува пример до сите останати членови дека треба да бидат мотивирани и упорни во секојдневието за остварување на своите цели односно да настапуваме во животот со паролата дека, на оваа планета, ’Сите сме еднакви’," објави здружението на својата Фејсбук-страница.

- Имам освоено повеќе први, втори, трети места, освоени на меѓународни турнири надвор од границите на нашата држава. Освен меѓународните, имам освоено први, втори, трети места и на натпревари коишто се одржале во нашата држава - општински натпревари, градски натпревари итн., изјави Стојчески за МИА.

Сака да стане македонски и светски првак.

- Моите планови за во иднина се да продолжам напорно да работам, и можеби - некој ден да станам најдобар играч во Македонија, а натаму, можеби и во светот... Зошто да не!? Ако работам понапорно отколку што работам сега, верувам дека успехот ќе дојде, додава младиот шахист.

На професионално поле, сака да биде дефектолог и има намера образованието да го продолжи на Филозофскиот факултет.

- Мислам дека ми оди разговорот со луѓе, со деца. Мислам дека во иднина можам да се пронајдам во работата како дефектолог. Но, покрај тоа, планирам да продолжам и со шахот, вели Александар.

Овој месец, 14-та година по ред, го прославивме Светскиот ден на церебралната парализа. Неговата порака до лицата со и без попреченост е да не се откажуваат и напорно да работат. Секој може да успее. /МИА.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата