Што се случува со организмот ако постите седум дена?

26.10.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Што се случува со организмот ако постите седум дена?

Истражување спроведено на 12 здрави лица покажа дека седумдневниот пост на вода го менува телото и органите, а најголемите промени се случуваат околу третиот ден.

Повеќедневното постење на почетокот почнува со трошење на складираните масти.

Истражувачи од Лондонскиот универзитет на кралицата Мери и Норвешкиот универзитет за спортски науки следеле 12 здрави лица кои седум дена консумирале само вода. За време на истражувањето анализирале околу 3.000 протеини во крвта на учесниците за да утврдат како организмот се прилагодува на целосното исклучување на храната.

Телото во првите три дена од користење на гликозата преминало на користење на складираните масти како главен извор на енергија, па учесниците изгубиле 5 до 7 кг, и масно и немасно ткиво.

Меѓутоа, она што се случило по првите три дена ги изненадило истражувачите. Почнале да се случуваат значајни промени во нивото на протеини поврзани со многу органи и процеси во организмот. Третина од анализираните протеини се промениле за време на постот, а некои промени не можеле да се објаснат со губење на килограмите.

Меѓу нив се промените на протеините кои имаат улога во структурата и функционирањето на нервните клетки, што укажува дека долготрајното постење може да има многу поголемо влијание врз телото отколку што се сметаше некогаш.

Резултатите не значат дека треба да гладувате

За првпат можеме да видиме што се случува на молекуларно ниво во организмот додека постиме. Нашите резултати нудат докази за здравствената придобивка на постот и не се однесуваат само на губењето килограми, тие се видливи дури по три дена целосна рестрикција на калориите – објаснува Клаудија Лангерберг од Универзитетот Кралицата Мери.

Важно е да се нагласи овие резултати се однесуваат на целосна рестрикција на храна во текот на неколку дена, а не на кратки форми на повремен пост, како што се популарните режими засновани на автофагија. Според тоа, овие резултати не можат автоматски да се применат на секоја форма на пост.

Научниците се надеваат дека подоброто разбирање на овие промени еден ден би можело да помогне во развој на терапии кои би имитирале одредени ефекти на постот, без притоа да се бара од пациентите целосно воздржување од храна со денови.

Мајк Пицнер, еден од авторите на студијата, истакна дека долготрајниот пост не е безбедна опција за секого, особено не за лицата со веќе постоечки здравствени проблеми.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата