Како што соопшти синдикалната организација „Уфо“ (Ufo), најавениот целодневен штрајк почна во текот на ноќта, што го потврди и „Луфтханза“. Компанијата засега не наведе точен број на откажани летови, но предупреди на значителни откажувања и на редуциран ред на летање.
На аеродромите како тие во Франкфурт и Берлин, според достапните полетувања, „Луфтханза“ задржа само мал број летови. Авиокомпанијата ги советува патниците да се информираат преку дигиталните канали и да не доаѓаат на аеродромите без претходна потврда на летот, а враќање на редовната состојба се очекува утре.
Во штрајкот учествуваат околу 4.800 пилоти на „Луфтханза“ и на „Луфтханза карго“, кои бараат поголеми придонеси од работодавачот за пензиските фондови. Покрај тоа, во штрајк со предупредување стапија и околу 20.000 претставници на кабинскиот персонал за да извршат притисок во преговорите за колективните договори, да поддржат социјален план за вработените во „Луфтханза“ и во регионалниот „Ситилајн“ (CityLine) и да заштитат околу 800 загрозени работни места.
Управата на „Луфтханза“ го оцени штрајкот како „целосно непотребна ескалација“. Членот на управата задолжен за човечки ресурси, Михаел Нигеман, во Берлин изјави дека синдикалните барања би довеле до натамошни значителни зголемувања на трошоците, за што, според него, нема доволно средства.

