Познато е дека генту пингвините, за да ја задоволат женката што ја избираат за животна партнерка, поминуваат долго време избирајќи камен што ќе го стават пред нејзините нозе. Со овој чин, мажјакот покажува колку се грижи за својата партнерка и колку ѝ е посветен.
Во човечкиот свет, „панданот“ на подарокот на пингвинот се многу поскапоцени камења, како што се дијаманти, смарагди, рубини, бисери..., но веруваме дека срцето на оваа млада дама, која се грижи за нежните и добродушни птици во пингвинариумот, играло од среќа.
Како што вели описот на видеото, кое е објавено на Инстаграм профилот smartanimalz, генту пингвините се познати по тоа што си даваат камења еден на друг како дел од нивниот ритуал на додворување пред да почнат да градат гнездо.
Ова мало пингвинче очигледно ја обожава својата чуварка и ѝ донесе посебен подарок.
Само погледнете го неговиот самоуверен став и малите крилја со кои гордо мавта.
Срцата на гледачите на видеото, кое има повеќе од 350.000 прегледи, продолжуваат да се топат.

