Пет работи кои најчесто ги изговараат луѓето со големо его

25.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пет работи кои најчесто ги изговараат луѓето со големо его

Начинот на кој некој реагира на несогласување или непријатно прашање, многу говори за неговиот однос кон другите. Некои луѓе систематски избегнуваат да преземат одговорност преку менување на темата, префрлање на вината или предизвикување чувство на срам.

Сте се нашле ли некогаш во разговор со личност која одбива да признае грешка, некој кој, наместо да ве сослуша, ги минимизира вашите зборови или инсистира на тоа дека претерано реагирате? Овие обрасци на однесување не се поврзани со полот, ги користат сите оние на кои им е тешко да се справат со критика. Важно е да се направи разлика помеѓу повремена одбранбена реакција и повторлив образец поради кој се чувствувате неразбрани и несигурни во односот.

1. Менување на темата кога се соочуваат со вистината

Кога ќе му кажете на партнерот или пријателот дека ве повредил, наместо да се извини, тој возвраќа со напад: „Добро, сега за тоа ќе разговараме? Што е со она што ти го правиш... “? Или, пак, го свртува вниманието на сопствените проблеми: „Немаш поим под колкав стрес сум!“ Одеднаш, разговорот повеќе не се однесува на неговите постапки, туку на вас или на товарот што го носи.

Како да реагирате: Задржете го фокусот на конкретниот проблем: „Разбирам дека имаш свои грижи и можеме да разговараме за тоа, но сакам прво да завршиме со она што се случи пред малку.“ Ако другото лице одбие, одложете го разговорот додека ситуацијата не се смири.

2. Припишување на сопствените грешки и несигурности на другите

Проекцијата е чест одбранбен механизам: личноста најгласно го напаѓа она со кое и самата се бори. Некој што крие важни работи може да го обвини партнерот за неискреност, додека несигурна личност на другите може да им залепи етикета на себичност. Целта е обвинетата страна да се вовлече во бескраен циклус на правдање, наместо да се реши вистинскиот проблем.

Како да реагирате: Не паѓајте во замката на докажување на сопствената невиност. Држете се до фактите: наместо да расправате дали сте „секогаш себични“, фокусирајте се на конкретниот настан и на неговото влијание врз вас.

3. Омаловажување на вашите чувства преку споредби

Кога ќе ја споделите својата мака, наместо емпатија добивате „натпревар по страдање“ и коментар од типот: „На сите им се случува тоа, не си единствен/а“; „Мислиш дека само тебе ти е тешко? Погледни низ што минувам јас“; или „Другите имаат многу поголеми проблеми“.Овде пораката е јасна: вашите искуства не се важни. Со тек на времето, почнувате да се повлекувате, бидејќи однапред очекувате да бидат отфрлени или обезвреднети.

Како да реагирате: Јасно кажете што ви е потребно: „Знам дека и другите минуваат низ тешки моменти, но сега ми е потребно да ме ислушаш без да правиш споредби“.

4. Предизвикување сомнеж во сопствениот разум (gaslighting)

Еден од најопасните облици на манипулација се јавува кога соговорникот упорно ја негира реалноста: „Воопшто не беше така, си вообразуваш“! Или, Со тебе навистина нешто не е во ред штом те погодува таква ситница“. Притоа, ве етикетираат како пречувствителни или нестабилни, што на крајот ве наведува да се посомневате во сопственото сеќавање на случката и расудување.

Како да реагирате: Ако по некој разговор често се чувствувате збунети и несигурни во сопственото доживување на настаните, запишете ги клучните факти веднаш штом ќе се случи настанот и побарајте објективно мислење од некој во кого имате доверба.

5. Префрлање на вината за сопственото однесување

Некои луѓе ќе признаат дека постои проблем, но одговорноста за него ќе ви ја префрлат вам: „Да не ме провоцираше постојано, немаше да викам“. Ова ве принудува да бидете исклучително претпазливи и да внимавате на нивното расположение. Иако во односот навистина влијаеме еден врз друг, секој е исклучиво одговорен за начинот на кој реагира и како го изразува својот гнев.

Како да реагирате: Направете јасна разлика помеѓу давањето поддршка и преземањето туѓа одговорност: „Подготвен/а сум да разговараме за нашето несогласување, но не прифаќам одговорност за начинот на кој ти одлучи да пламнеш“.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата