Телефонот, таблетот или телевизорот се најчест одговор на детската досада. Американската педијатриска академија нагласува дека не е важно само колку време децата поминуваат пред екраните, туку и каква содржина следат. Затоа понекогаш е доволно да им се понуди нешто поинтересно.
Овие пет активности ги поттикнуваат децата да истражуваат, да прашуваат и откриваат.
Прошетка како истражувачка експедиција
Прошетката низ паркот станува интересна ако детето добие мала задача, да пронајде три различни листови, да воочи два вида птици, да најде нешто рапаво и мазно или да открие на кое животно му припаѓа одредена трага на земјата.
Поентата не е во тоа родителот да ги знае сите одговори, туку детското прашање „зошто“ да покрене заедничко истражување.
Домашна лабораторија
За мал експеримент не е потребна посебна опрема. Проверете кои предмети лебдат, кои тонат, направете авиончиња од хартија, тестирајте чие лета најдалеку или мешајте ги основните бои.
Пред експериментот, детето нека погоди што ќе се случи и нека објасни зошто. Така обичната игра станува мало истражување.
Квиз во кој децата можат да ги победат возрасните
Изберете омилена тема на детето, космос, спорт, диносауруси, животни, и секој нека спреми неколку прашања за останатите.
Може да играте во тимови со бодовна скала или да воведете правило така што секој поен ќе оди кај оној што ќе постави прашање на кое никој не знае да одговори. Таквиот квиз не е испрашување туку игра на знаење и љубопитство.
Скриено „богатство“ во станот
Неколку ливчиња со траги е доволно за станот да го претворите во мала авантура. Една трага може да води до фрижидерот, друга до полицата со книги, трета до омилените играчки.
За помали деца подгответе цртежи и бои, стари ребуси или мали задачи. Богатството не мора да биде големо, туку важна е потрагата.
Колекционерски предизвик
Децата сакаат да збираат камчиња, фигури, карти или сликички. Штом колекцијата има некаква цел, обичниот предмет станува дел од нешто што е повеќе од игра.
На пример, собирањето сликички со животни. Кога детето ќе добие нова сликичка, прашајте го каде живее тоа животно, што прави, или по што е посебно.
Сите овие активности имаат една заедничка работа: детето не добива готов одговор, туку мора нешто да пронајде, да праша, да претпостави или да открие, а токму тоа е целта – да го набљудува светот и да поставува прашања.

