Децениското уништување го претворило ова место, долго повеќе од километар и половина, во сива и гола карпа што полека се рони и се уривало во морето.
Сепак, таму се случи едно од најголемите еколошки чуда на модерното време, природата целосно се обнови, и тоа без ниту едно засадено растение.
Еколозите не населија повторно ниеден животински вид ниту засадија нови садници.
Нивната единствена задача била да ја отстранат причината за катастрофата — околу шеесет диви кози и речиси 6.000 црни стаорци.
Ефектот од оваа акција бил неверојатен, пишува CNN. Оттогаш, вегетацијата на островот е зголемена за повеќе од 2.000 проценти, петнаесет видови копнени птици се вратиле на карпите, додека популацијата на реткиот црн гуштер, кој не живее никаде на друго место на планетата, е зголемена тринаесет пати.
Свесна дека островот е на работ на целосно уништување, владата на Антигва и Барбуда во 2016 година започнала опсежен проект за ревитализација, во соработка со локалната организација „Environmental Awareness Group“ и меѓународни невладини организации, меѓу кои и „Fauna & Flora“.
Првиот чекор беше исклучително тежок: еколозите мораа рачно да ги фаќаат козите на мошне стрмни карпи, а потоа со хеликоптер да ги префрлат на безбедно, на соседната Антигва. Потоа следеше борба против стаорците. Стручниот тим кампувал непрекинато два месеца на оголените карпи на Редонда, поставувајќи отровни мамки во секоја пукнатина и пештера.
Во текот на првите ноќи, истражувачите слушаа како илјадници глодари трчаат околу нивните шатори. Упорноста вроди со плод – во 2018 година, Редонда официјално беше прогласена за остров без стаорци, а тој статус успешно се одржува и денес. Денес, Редонда повторно е зелен карипски рај.
Случајот со овој остров стана глобален пример за тоа како природата поседува неверојатна моќ за самообновување, под услов луѓето да ѝ помогнат преку отстранување на инвазивните видови што самите ги донеле.
Кристофер Колумбо ја здогледал Редонда уште во 1493 година, но никој не стапнал на нејзините стрмни карпи во текот на следните двесте години. Она што конечно ги привлекло луѓето во 19-тиот век биле милионите морски птици, или поточно нивниот измет – гуаното.
Овие природни слоеви, нарекувани „бело злато“, масовно се користеле како врвно ѓубриво и како клучна состојка во производството на барут. Во екот на експлоатацијата, од островот годишно се ваделе и до 4.000 тони гуано.
Рударските активности биле целосно прекинати со избувнувањето на Првата светска војна. Луѓето го напуштиле островот, но животните што ги донеле со себе останале таму. Козите лакомо ја јаделе секоја вегетација што никнувала од земјата, додека црните стаорци немилосрдно ги напаѓале јајцата на птиците, пилињата и локалните гуштери.
Без корените на растенијата што ја држеле почвата, карпите и земјата почнале да се лизгаат во Карипското Море, задушувајќи ги коралните гребени и морското дно. Птиците престанале да се гнездат, а на крајот и самите кози почнале да гладуваат, па нивните скелети ја прекриле оголената карпа.

