Откажан традиционалниот џез концерт за Бадник во „Центарот Кенеди“ откако името на Трамп е додадено на зградата

25.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Откажан традиционалниот џез концерт за Бадник во „Центарот Кенеди“ откако името на Трамп е додадено на зградата

Водителот на шоуто, музичарот Чак Ред, изјави дека го откажал настапот откако Белата куќа минатата недела објави дека името на претседателот Доналд Трамп ќе биде додадено на името на зградата.

На фасадата на зградата од минатиот петок пишува „Меморијален центар за сценски уметности Доналд Џ. Трамп и Џон Ф. Кенеди“. Белата куќа вели дека одборот на доверители на претседателот ја одобрил одлуката, за која некои набљудувачи велат дека го крши законот. 

Трамп со месеци сигнализираше дека е отворен за промена на името на центарот.

„Кога ја видов промената на името на веб-страницата на ’Центарот Кенеди’ и, неколку часа подоцна, на зградата, решив да го откажам нашиот концерт“, рече Ред во електронска пошта до Асошиетед Прес. 

Ред, тапанар и вибрафонист кој бил на турнеи со музичари како Дизи Гилеспи и Реј Браун, од 2006 година е претседател на годишниот „Jazz Jams“ концерт на „Центарот Кенеди“, наследувајќи го басистот Вилијам „Кетер“ Бетс.

Претседателот Џон Ф. Кенеди беше убиен во 1963 година, а следната година Конгресот донесе закон со кој центарот се означува како жив споменик во негова чест, потсетуваат американските медиуми.

Внуката на Кенеди, Кери Кенеди, вети дека ќе го отстрани името на Трамп од зградата откако ќе ја напушти функцијата, а поранешниот историчар на Претставничкиот дом, Реј Смоук, е меѓу оние кои велат дека сите промени ќе треба да бидат одобрени од Конгресот.

Законот конкретно му забранува на одборот на доверители да го претворат центарот во споменик на друго лице или да ставаат име на друго лице на фасадата на зградата.

Републиканецот Трамп, годинава презеде активности околу центарот, именуван по иконата меѓу демократите, откако го игнорираше за време на неговиот прв мандат. Тој го отпушти дотогашното раководство, го реструктуираше одборот и лично беше домаќин на годинашното доделување на наградите на „Центарот Кенеди“, кршејќи ја долгогодишната традиција претседателите да бидат претежно гледачи.

Многу уметници ги откажаа настапите во центарот откако Трамп почна да прави промени во оваа културна институција, јавуваат американските медиуми.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата