Од стационарот „Лајка“ до Википедија: Едукативна авантура на учениците од гимназија Ј.Б. Тито

9.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Од стационарот „Лајка“ до Википедија: Едукативна авантура на учениците од гимназија Ј.Б. Тито

Кучињата, најверните пријатели на човекот – особено оние бездомните – не се виновни што живеат на улица. Вината е наша – човечка. Одговорноста лежи во непреченото размножување, напуштањето и недоволната едукација. Но, токму едукацијата е клучот за промена, а на 8 мај 2025 година видовме одличен пример за тоа.

Викимедија МКД организираше специјален уредувачки маратон наменет за учениците од Вики клубот при СУГС Гимназија „Јосип Броз-Тито“ од Скопје, под менторство на професорката Ирена Трајковска Стерјовска. Во него учествуваа 10 ученици, инспирирани од темата за односот кон кучињата и важноста од активно граѓанско учество преку пишување, информирање и делување.

Како дел од активностите, учениците го посетија ЈП „Лајка“ – стационарот за бездомни кучиња во Скопје. Ни беше голема чест да бидеме нивни домаќини. Преку едукативна презентација и разговор со нашиот тим, учениците се запознаа со нашата работа, мисија, секојдневните предизвици и начини како секој поединец може да придонесе кон хуман третман и одржливо решение за проблемот со бездомните животни.

Посетата беше длабоко едукативна, но и емотивна – учениците одблизу се сретнаа со кучињата под наша грижа. По посетата, следеше уредувачкиот маратон каде беа напишани вкупно 11 статии на теми поврзани со познати кучиња и нивното место во културата и историјата, со што младите директно придонесоа кон збогатување на Википедија на македонски јазик.

Настанот покажа колку е важна соработката помеѓу образовните установи, јавните институции и невладиниот сектор. Заедно, можеме да создаваме генерации кои се свесни, хумани и одговорни.

Со нетрпение очекуваме нови средби со Вики клубот и слични иницијативи. ЈП Лајка ги охрабрува сите општествени чинители – институции, училишта, граѓани – да не посетат, да се информираат и да придонесат кон похуман, поодговорен и поубав град за сите.

Стационар „Лајка“

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата