НУ Народен театар Битола со уште една хуманитарна акција, овојпат за СОС Детско село Македонија

7.10.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
НУ Народен театар Битола со уште една хуманитарна акција, овојпат за СОС Детско село Македонија

Публиката на Битолскиот театар знае што значи да се биде хуман. А сега повторно има можност, заедно со НТБ да направи нешто добро за децата на кои им е потребна нашата поддршка.

Имено сите средства од продадените билети за 100.изведба на претставата „Кокошка“, која ќе биде изведена на 24.октомври од 20 часот, ќе бидат донирани за децата од СОС Детско село.

Една од најбараните комедии на НТБ, претстава која ја сака публиката и овојпат ќе има уште едно посебно значење.

Комедијата на Николај Кољада, во режија на Марјан Георгиевски, ве води низ свет каде што амбициите, љубовта, суетата и желбата за успех се судираат на најнеочекувани и најкомични начини.

Претставата со брилијантен хумор, живи дијалози и препознатливи ситуации, ја освојува публиката затоа што сите се пронаоѓаме во неа. Смеата доаѓа природно, искрено и – до солзи.

За сценографијата се погрижи Валентин Светозарев, костимографија Благој Мицевски, драматург Оливера Павловиќ.

Во претставата играат: Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски, Николче Пројчевски.

„Дојдете да се смееме, да го прославиме 100-тиот пат на „Кокошка“ и, со еден едноставен билет, да бидеме дел од нешто поголемо од самата претстава.

Еден град. Еден театар. 100 пати „Кокошка“.

И многу детски насмевки што можеме да ги помогнеме“, велат од НТБ.

🎟️ Влезници на билетарницата на НТБ и онлајн на

https://narodenteatarbitola.com/events/kokoshka-28/

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата