Американскиот производител на електрични автомобили „Тесла“ најави инвестиција од три милијарди евра за проширување на фабриката во Гринхајде, недалеку од Берлин. Во рамките на ова, најавена е изградба на нов погон во кој компанијата планира да произведува целосно автономни такси-возила од типот „Сајберкеб“ (Cybercab).
„Ги поставуваме темелите за технолошки најнапредната фабрика на Tesla во светот“, соопштија од компанијата. Новата производна хала ќе има капацитет да произведува до еден милион робо-такси возила годишно.
Изградбата треба да започне во првата половина на 2027 година, а производството – во 2029 година.
Американската компанија исто така најави дека ќе вработи неколку стотици работници за потребите на изградбата и подготовките за производство. Тие имаат намера до крајот на годината да поднесат барање за градежна дозвола за новиот објект, заедно со документацијата што ја доставија во 2023 година за планираното проширување на комплексот.
Инвестицијата, вредна три милијарди евра, опфаќа и изградба на придружни објекти и постројки за третман на отпадни води.
Американскиот гигант претходно се откажа од планираното проширување поради падот на продажбата, но повторно ги активираше инвестициите откако побарувачката закрепна.
Податоците од германската Федерална управа за моторни возила (KBA) покажаа дека продажбата на возила од марката „Тесла“ во Германија во октомври е зголемена речиси четирикратно. Во периодот од јануари до октомври биле регистрирани 47.742 возила на „Тесла“, што е приближно три пати повеќе отколку во истиот период минатата година.
Компанијата неодамна објави дека ќе го зголеми производството на 7.500 автомобили неделно, односно околу 375.000 годишно, а планира и проширување на капацитетите за производство на батериски ќелии. Во октомври, во фабриката на „Тесла“ во близина на Берлин работеле 12.600 луѓе, а портпаролка на компанијата потврди дека во последните неколку месеци биле вработени уште 2.000 работници.

