Мрачната страна на Бали, проблеми за кои не се говори

5.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мрачната страна на Бали, проблеми за кои не се говори

Но, една поранешна иселеничка открива дека животот на „Островот на боговите“, како што често се нарекува, е поинаков без гламурот на Инстаграм и промотивните разгледници.

Оние што се населиле на Бали, честопати се среќаваат со исцрпувачка бирократија, недоволно опремени болници, загадување, скриени животни трошоци, така што безгрижната егзотика е далеку од реалниот индонезиски живот.

Бали во 2024 г. имаше 16,4 милиони меѓународни и домашни пристигнувања, додека на островот живеат околу 4,2 милиони луѓе. Со зголемување на бројот на туристи и емигранти, сè почесто слушаме дека животот на островот не е баш идиличен. Аинура Калау, која со својот сопруг поминала девет месеци во популарниот Кангу, опишува низа предизвици - од проблеми со инфраструктурата и постојани проблеми со визите до загадувањето и чувство на зголемена изолација - што на крајот ги натерало да го напуштат островот.

Стрес уште на почетокот

Таа вели дека уште на почетокот се соочиле со „исцрпувачкиот“ визен режим. Повеќето странци пристигнуваат со туристички визи кои треба да се обновуваат секој месец или на секои два месеци. А со помош на агент, тоа значи редовно предавање пасоши и постојано планирање.

„Таа неизвесност ве јаде. Никогаш вистински не се вдомувате, бидејќи колку и да го обновувате престојот знаете дека вашето време таму е ограничено. Тешко е да се посветите на нешто долгорочно кога вашиот правен статус е секогаш привремен“, вели Калау.

Несоодветна здравствена заштита

Помалите здравствени проблеми лесно се решаваат, но посериозните случаи може да значат итна евакуација во Сингапур или Бангкок. Калау се присетува на пријателка која се сомневала на воспаление на слепо црево, а локалната болница не била опремена за операција - нејзиното осигурување организирало итен лет. Осигурувањето што ги покрива таквите евакуации, предупредува таа, е „екстремно скапо“, па затоа многу помлади иселеници го избегнуваат.

Загадување кое сè потешко се игнорира

Иако Бали е познат по својата природна убавина, Калау вели дека состојбата со животната средина е загрижувачка. „Островот има сериозен проблем со ѓубрето - го гледате на улиците, во реките, а за време на дождовната сезона, морето го исфрла на многу плажи, пишува таа.

Друг проблем е палењето ѓубре навечер, практика што создава густи облаци чад и, вели таа, влијае врз здравјето на жителите. Нејзиниот сопруг се бори со хроничен синуситис, а таа развила упорна кашлица.

Живеење во иселенички „меур“

Кангу, Семињак и Убуд станаа центри за дигиталните номади - и места со свои, донекаде изолирани микросветови. „Кафулињата се полни со странци кои нарачуваат тост со авокадо и специјално кафе, а многумина минуваат шестмесечен престој без да научат ниту еден збор индонезиски“, вели Калау.

Јазот во приходите е огромен: месечната кирија за луксузна вила е честопати е колку што едно локално семејство троши за шест месеци.

Површни и минливи пријателства

Иако Бали е познат по богатиот социјален живот, постојаното менување на жителите резултира со односи кои тешко се продлабочуваат. Ќе се зближите со некого, а тој заминува за еден месец. „Циклусот постојано се менува“ – вели таа.

Понатаму, почувствувала еден вид натпревар за тоа кој патува на „најкул“ дестинации и кој има завиден живот на социјалните мрежи. Со тек на време, тоа станува напорно.

Инфраструктурата не ги задоволува потребите

За дигиталните номади, стабилната инфраструктура е од суштинско значење за работа - а на Бали, тоа не е случај.

„Струја редовно снемува“ – вели таа, па затоа плаќале два различни интернет-провајдери. Нивната вила имала проблеми со мувла, поплави, слаб притисок на вода и со последици од обилните дождови. Сообраќајниот хаос и ризикот од возењето скутер, исто така, го зголемуваат стресот.

„Поволен живот“ кој често не е таков

Иако Бали има репутација на евтина дестинација, Калау вели дека ова ретко се однесува на иселениците. „Можете да живеете многу евтино ако јадете локално, ги избегнувате туристичките области и живеете како локален жител. Но, повеќето иселеници сакаат убава вила, западна храна и канцелариски простор со добар интернет“, вели таа.

Кога ќе ги земете предвид визите, квалитетното здравствено осигурување, повратните летови и повисоките цени во популарните области, сфаќате дека заштедата ви се топи. Покрај сето тоа, влагата и мувлата брзо ја уништуваат облеката и електрониката - уште еден „скриен трошок“.

Осаменоста и чувството на неприпадност

На крајот на краиштата, емоционалниот товар на животот меѓу две култури одиграл клучна улога. „Не бев турист, но не бев ни вистински жител“, признава таа. За време на нивниот престој, пропуштиле важни семејни моменти, свадби, средби - искуства што не можат да се вратат.

„Некаде околу седмиот месец од животот таму, почнав да чувствувам осаменост што немаше никаква врска со бројот на луѓе околу мене. Ми недостигаше да имам корени. Да бидам дел од заедница во која придонесувам со нешто повеќе од туристичките долари“, заклучува таа.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата