Клубови во Амстердам воведуваат месечна претплата од 24,50 евра поради помалиот интерес кај младите

15.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Клубови во Амстердам воведуваат месечна претплата од 24,50 евра поради помалиот интерес кај младите

 Иницијативата, наречена „Ноќна пропусница (Nachtpas)“, е покрената во соработка со четири клуба - „Гараж норд (Garage Noord)“, „Нахбар (Nachbar)“, „Скатекафе (Skatecafe)“ и „Радио радио (Radio radio)“ - како одговор на намалувањето на посетеноста и стремежот кон помали трошоци кај младите, а сѐ тоа - поради зголемените трошоци за живот. Следствено, првите 150 претплати беа распродадени речиси веднаш, додека отворени се и листи на чекање, објави „НЛ тајмс (NL Times)“.

Во заедничка изјава, организаторите нагласуваат дека нивните клубови се независни културни простори коишто работат под зголемен финансиски притисок во скап град и ги здружиле силите за да ја збогатат ноќната програма по повод 750-годишнината од Амстердам. Тие ги повикуваат државните институции посериозно да ја сфатат културата на ноќниот живот и нејзиното значење за холандската престолнина.

„Новата пропусница е практичен одговор на зголемените трошоци за живот, но и начин да се врати ноќниот живот кај младите луѓе, кои сè повеќе ги намалуваат излегувањата... Гледаме дека сè станува поскапо и дека луѓето излегуваат помалку поради тоа“, велат сопствениците.

Според анализа на „Рабобанк“, во случај на ескалација на конфликтите на Блискиот Исток, цената на горивото во Холандија би можела да се зголеми на околу три евра за литар, додека месечните сметки за енергија за нови договори би можеле да надминат 400 евра, во зависност од нарушувањата на светскиот пазар. Младите Холанѓани се особено ранливи на финансиски притисоци, а истражувањата покажуваат дека лицата под 23 години кои имаат долгови имаат до 13 пати поголема веројатност да се вклучат во криминал поврзан со дрога отколку нивните финансиски стабилни врсници.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата