Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, наводно не ги поканила принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл на традиционалниот божиќен концерт што ќе се одржи на 11 декември во Вестминстерската опатија во Лондон.

Како што пренесува британскиот „Дејли мејл“, војводата и војвотката од Сасекс не се на списокот на гости за овогодинешната свеченост, на која ќе присуствуваат повеќе од 1.600 гости.
Концертот, организиран од Кејт, е посветен на љубовта, љубезноста, солидарноста и меѓусебната грижа. Минатата година на него присуствуваа принцот Вилијам и нивните деца – принцот Џорџ, принцезата Шарлот и принцот Луис – како и други членови на кралското семејство и бројни познати личности, меѓу кои актерката Кејт Винслет, пејачката Кејти Мелуа и готвачката Мери Бери.

Отсуството на Хари и Меган повторно ги разгори прашањата за односите во кралското семејство, кои се затегнати уште откако тие се повлекоа од официјалните кралски должности во 2020 година и се преселија во Калифорнија. Иако во последните години имаше навестувања за можно приближување, несогласувањата сè уште не се целосно надминати.
Кејт сè уште нема објавено список на гости, па не е потврдено дали отсуството на двојката е поврзано со семејни несогласувања. Божиќниот концерт ќе се одржи во Вестминстерската опатија, каде што Кејт и Вилијам се венчаа во 2011 година. Кралот Чарлс III и кралицата Камила, по правило, не присуствуваат на оваа свеченост, препуштајќи му ја организацијата на принцезата од Велс.

