Израелска лекција за водата - како се цени, менаџира и заштитува секоја капка

20.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Израелска лекција за водата - како се цени, менаџира и заштитува секоја капка

Во Израел водата се смета за јавно добро. Загубите се сведени на исклучително ниско ниво, меѓу 5 и 7 отсто, со тенденција во наредните 10 години да се намалат на 4 проценти. Системот е до тој степен „затворен“ (заокружен) што секоја капка и секоја чаша истурена во мијалниците, тоалетите или уличните сливници завршува во колекторскиот систем, се прочистува и се редистрибуира кај домаќинствата, во земјоделството и индустријата.

Употребата на водата во Израел е стратешки приоритет - не само на актуелната Влада, туку генерално, на државата. Постои национален консензус по ова прашање - и сите се придржуваат до него.   

Во Израел секој има пристап до водата, но државата е таа што „раководи“ со овој исклучително важен ресурс. Не може правно или физичко лице да стане сопственик на вода. Израелците се толку ригорозни, што ова се однесува и на дождовната вода - дури и оваа вода не смее никој да ја употребува без дозвола на државата.  

Според Израелците, најдобриот третман на загубите е превенцијата.

Македонска делегација имаше можност да го посети Израел и да види каков е системот за менаџирање со водата.  

Израелците ништо не оставаат на случајност, не само зашто мора да се снаоѓаат како знаат и умеат поради генерално неповолната хидролошка состојба во земјата, туку и затоа што едноставно имаат исклучително висока свест - знаат колкава е вредноста на водата и максимално го ценат и почитуваат овој преважен ресурс. Тие ја предвидуваат состојбата со години однапред за да ја превенираат, плански создаваат високоспецијализирани кадри и хируршки прецизно водат сметка за секој сегмент - од испумпувањето до крајната потрошувачка. До тој степен се посветени и усовршени што дури и од канализациската вода прават вода за пиење. 

Израелски модел

Израел има неколку начини на водоснабдување: користи природна вода (од Галилејското Езеро и подземни извори), десалинизира (отсолува) морска вода и реупотребува (прочистува) од веќе дистрибуираната вода во домаќинствата и индустријата. Според демографските податоци, земјата има околу 10 милиони жители, а вкупната годишна побарувачка на вода (домаќинства, земјоделство, индустрија) е околу две милијарди метри кубни. Просекот е некаде на нивото на Македонија, околу 200 литри по глава на жител. 

И додека во Македонија надлежностите се „расфрлани на сите страни“, во Израел системот е јасно поставен и централизиран. За водата е одговорно само едно т.н. Национално тело составено од претставници на институциите (кои претходно, до 2006 година, ја менаџирале водата - министерства за животна средина, здравство, земјоделство), како и од претставници на граѓанскиот сектор. Ова тело кое управува со водата, носи стратегија, пропишува регулативи, дефинира тарифи и врши надзор (контрола) врз работата на државните претпријатија, односно врз сите субјекти на кои им е делегирана обврската да го спроведуваат водоснабдувањето.

Централната (национална) компанија за води (акционерско друштво во државна сопственост, пандан на нашето АД „Водостопанство“) се вика „Мекорот“ (што на хебрејски значи „извори“). Основана е во 1937 година и во нејзина сопственост се сите главни цевководи и акумулации преку кои се собира и дистрибуира водата за пиење, за индустријата и за земјоделството (наводнување). „Мекорот“ е одговорна за контрола на квалитетот, за навремено снабдување, за безбедност на водата (прочистување) и за обезбедување доволно количини вода во текот на целата година.

За разлика од „Мекорот“ која е државна компанија одговорна за водоснабдувањето, системот го сочинуваат и приватни оператори кои вршат преработка на водата. Тука се, пред се, фабриките за десалинизација во приватна сопственост кои засега се вкупно шест, а во тек е изградба и на седма фабрика. Меѓународните организации кои одредуваат кредитен рејтинг, ги имаат оценето овие фирми со максималните, најдобри оценки за солвентност и стабилност. Тоа значи дека нема банка во светот што не би инвестирала во нив.

„Мекорот“ ја собира водата (на пример, од Галилејското Море) која потоа минува низ неколку фази на прочистување и се дистрибуира до домаќинствата. Најголемиот дел од оваа вода се користи за пиење, но дел се употребува и за наводнување на одредени земјоделски култури (раноградинарство и оранжерии). И десалинизираната вода влегува во системот на „Мекорот“ како подготвена за пиење. (До самата фабрика за десалинизација што македонската делегација имаше можност да ја посети, беше лоциран резервоар на „Мекорот“ од каде преработената морска вода се дистрибуира до централниот систем.) 

Билансот на природните извори во вкупниот дистрибутивен систем на Израел до 2010 година бил речиси непроменет, но со растот на економијата и популацијата, се зголемиле потршувачката и потребата за уште поинтензивно земјоделско производство. Се јавил јаз меѓу потребите и природните можности земјата да испорача вода. Тоа го вклучило „црвениот аларм“ и од тогаш, од 2010 година, Израел почнува со десалинизација. Кога била направена првата фабрика, 10 - 15 отсто од потребната вода се обезбедувала од десалинизација. Во 2020 година количината е триплирана, а целта е до 2030 година да се зголеми за четири пати. 

И во однос на рециклираната вода приказната е многу интересна. До 1980 година Израел не правел реупотреба, туку го применувал „нашиот метод“ - испуштање на искористената вода во природните водотеци (реките) и во природата. Но, во Тел Авив во 90-тите години се срушил пешачки мост над реката Јаркон. Некои од луѓето кои паднале во реката починале од загадување (од концентрацијата на отровните материи, зашто во реката се испуштала употребувана вода, како кај нас во Вардар). Тоа бил моментот на пресвртница кога државата одлучила да преземе чекор - тогаш почнал процесот на прочистување и реупотреба на таа вода, во 1980 година.

Денес се реупотребуваат 86 проценти од целата вода што се одведува/испушта од домаќинствата, индустријата, а најголем дел од нив се користи за наводнување во земјоделството, но точно се знае за кои култури. Се користи и за индустриски цели (на пример, ладење - како техничка вода). 

Македонската делегација имаше можност да види и до кој степен се прочистува комуналната (отпадна, канализациска) вода во Израел. Од прочистителните станици излегуваат две категории води, првата може и да се пие, но луѓето, сепак, имаат психолошки бариери и не ја користат за тоа, туку најчесто ја употребуваат за наводнување тревници или во градинарството, додека втората е само за производство на урми (палмите се огромен консумент на вода и во фаза на раѓање трошат до 700 литри вода дневно). Земјоделската наука е до тој степен развиена што ги има измерено сите влијанија на овие категории води пред да ги стави во функција на производството. Се покажало дека рециклираната вода од комуналната мрежа нема никакво негативно влијание врз квалтетот на урмите и другите земјоделски производи. Овој модел на наводнување се користи веќе десетина години.  

Цените на водата во Израел се транспарентни и униформни 

Во Израел сите ја плаќаат водата еднакво, но има две тарифи: до 3,5 метри кубни месечно по глава на жител и над 3,5 метри кубни. Ако едно семејство потроши по 3,5 метри кубни од член, ќе плати по 2,5 долари за метар кубен, но ако потроши повеќе, ќе треба да плати скоро двојно повеќе, односно 4,6 долари за метар кубен. 

Земјоделската тарифа е сосема поинаква зашто во земјоделството се користи реупотребена вода. Има два типа договори. Едниот е кога корисникот добива фиксна количина вода и тогаш цената е 0,42 долари за метар кубен, а вториот - кога корисникот добива неограничена количина и тогаш цената е 0,49 долари за метар кубен. Питката вода, пак, што се користи во земјоделството за одредени култури (раноградинарските) чини 0,75 долари за метар кубен.  

Како што вели амбасадорката на Израел во земјава, Вивиан Аисен, преку унифицираната национална водоводна мрежа, десалинизираните и природните извори на вода се мешаат, се следат и се испорачуваат до домаќинствата низ целата земја по униформна цена. Паметните броила инсталирани во домовите, фабриките и фармите пренесуваат податоци во реално време до водоводните компании, овозможувајќи точно фактурирање и моментално откривање аномалии. Водата се продава по нејзината реална цена, без скриени субвенции, а генерираните приходи остануваат исклучиво во водниот сектор. Секој шекел платен од потрошувачите се враќа во подобрување на инфраструктурата, унапредување на технологијата и обезбедување долгорочна достапност. Овој принцип на реинвестирање гарантира финансиска одржливост и изолација од политички притисок.

Во Македонија секоја општина има своја тарифа, АД „Водостопанство“ кубури со средства за нормално финансиско и оперативно работење, а Управата за водостопанство се обидува да „турка“, но е принудена да се занимава и со „закочени“ проекти - се планира формирање агенција за води

-Во Израел видовме дека секоја капка е важна. Мора да се потрудиме да ја подигнеме некако свеста на секој граѓанин за важноста на водата, но и за заштедата. Ние апелираме секое лето водата да се користи максимално рационално, но тие апели до некого стигнуваат, до некого не. Да, изворот Рашче има многу вода, но тоа не значи дека ќе има бесконечно и дека ќе трае. Мора да бараме нови, алтернативни извори, но и да ги намалиме загубите. Мораме рационално да трошиме. Извор е, се троши. Треба да размислиме и за тарифите. Ако во просек едно четиричлено семејство троши седум до десет кубика месечно, треба да плаќа одредена сума, но ако троши повеќе од тоа, за него треба да има друга, повисока тарифа. парите што ќе ги собереме по оваа основа, потоа би требало да ги инвестираме во нова мрежа или нова опрема, во санирање на техничките загуби на вода. Тука научивме дека целата држава има една тарифа, и за земјоделци и за домаќинства. Мора и ние да направиме нешто на национално ниво. Кај нас секој град, секоја опшптина има своја тарифа. Регулаторната комисија ја одредува цената, а ние како комунални претпријатија даваме мислења врз база на тоа колку имаме загуби на вода, потрошувачка на електрична енергија и слично. Треба да има една цена за сите и да нема отстапувања од таа цена, вели за МИА Катерина Димовска, оперативен директор во ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје.

Димовска, која беше дел од македонската делегација во Израел, смета и дека од сметките за вода треба да се одвои сметот.

-Најдобра идеја за плаќањето вода во Скопје е да се одвојат сметките за вода и смет. Тогаш можеби луѓето би ја плаќале повеќе сметката ако е само за користење, одведување и прочистување на водата, истакнува Димовска.

Директорот на Управата за водостопанство, Ромео Тренов ја нагласува потребата од формирање агенција за води. Оваа идеја веќе се реализира, а целта е воведување модел сличен на израелскиот - агенцијата да ги опфати сите сегменти во однос на водоснабдувањето, независно дали се работи за техничка, вода за пиење или наводнување. Всушност, се што е поврзано со водите да биде регулирано и управувано од едно тело. 

Според Тренов, Македонија се уште има води кои се државни по закон, но не ги третира државата, не се под нејзина јурисдикција. За да се подобри ситуацијата и за да се приближиме кон земјите како Израел треба, смета директорот, да се сменат и неколку закони, посебно Законот за води.

-Документот за формирање агенција е во финална фаза. Напролет можеби би имале финална драфт-верзија. Но, ќе треба да се дискутира дали концептот ќе биде како овој во Израел, што мене навистина ме воодушевува, посебно во однос на хиерархиската поставеност - се е под една „капа“, има едно Национално тело надлежно за се и довербата во него е потполна. Би можеле нешто такво да примениме, иако сепак, како што реков, треба да се слушнат сите мислења, и експертски и политички и на невладиниот сектор. Голема е разликата меѓу нашите два сектора -  кај нас загубата на вода е 60 отсто, а во Израел околу 6 проценти, во Израел нема ниту една брана, а ние имаме поплави кои мора да ги менаџираме со браните, локалната самоуправа во Израел нема никаква јурисдикција врз водите, сите се под една „капа“, а кај нас комуналните претпријатија се занимаваат и со водоснабдување и со одведување води и со чистење ѓубре и со осветлување и немаат никаква врска со Управата за водостопанство или со АД „Водосотпнатсво“. Се тоа мора да се земе предвид, истакнува Тренов. 

Негов став е дека Македонија потфрла во регулацијата зашто во секторот води има многу ингеренции. 

-Ако земеме да чистиме некој канал со вода, веднаш ќе имаме проблем зашто каналот е под АД „Водостопанство“, дрвата во каналот се под „Македонски шуми“, водата е под Министертсво за животна средина, а рибите се под Министерството за економија. Значи, за да исчистиме канал од 100 метри во кој има вода, дрвја, риби, треба да добиеме еден куп дозволи. Ако фали само една и ако за тоа ве пријави обичен минувач, ќе дојде полиција и ќе ви го земе багерот, потенцира Тренов.

Македонија, дополнува директорот, генерално има проблем и со системите за наводнување, односно нивната застареност. Околу 60 милиони евра годишно, вели Тренов, би изнесувале инвестициите за нивна обнова или реконструкција.

-Дури и кога имаме добра хидролошка година, имаме проблем со прифаќање на водите од изворите (браните) и дистрибуција до последната точка која треба да се наводнува. Многу се застарени системите за наводнување, а немаме ни мерачи за потрошувачката како што видовме тука, во Израел. На една од презентациите беше кажано - „ако не мериш, не менаџираш“. Треба да ги згуснеме мрежите, да ги реновираме/реконструираме комплетно главните цевки и секако, да поставиме мерачи. Но, еве, што да кажам, минатата година кога бев именуван за директор на Управата за водостопанство затекнав катастрофална ситуација. Проектите беа закочени со години. Четирите системи за наводнување финансирани од KFW-банката беа закочени од 2019 година. Бидејќи не се повлекуваат средства, државата плаќaше „commitment free“ 2,5 милиони евра годишно. Тоа е страшна загуба и јас се чудам како се уште Јавното обвинителство не покренало ништо. Едноставно „си седи“, како тие пари некој да ги извадил од џеб. Тие пари се извадени од џебот на граѓаните. Вие да држите проект потпишан во декември 2019 година, да држите четири проекти за наводнување и да не формирате проектна единица, да не спроведете ништо, тоа по мене е во најмала рака прекршок, а 2,5 милиони евра прекршок се многу пари. Управата го информираше министерот, тој јавно го објави тоа и го повика Обвинителството да реагира по допрен глас, но до сега оттаму нема никаква реакција. Поминаа пет години, подвлекува Тренов.

Ланскиот Буџет за Управата бил многу скромен. Претходното раководство, како што вели Тренов, не ги трошело парите, поради што биле одобрени малку средства. 

-Имаме проекти стари по 12-13 години кои треба да се репроектираат. Кога дојдов лани, успеав да ги покренам сите проекти и за тие останати три-четири месеци до крајот на годината реализравме 60 отсто од програмата. Оваа година досега се реализирани 97 проценти. Вкупно на располагање имавме 415 милиони денари, а сега од Министерството за финансии бараме барем уште околу 155 милиони до крајот на годината. Инаку, во декември 2024 година, неколку месеци по моето доаѓање, формиравме проектна единица за Страиште која веќе работи и сме во напредна фаза, пред ситуација на градење. На почетокот на следната година ќе имаме работа на терен во однос на реализацијата. Вкупно четири ситеми, плус и Лисиче, Конско и Пепелиште пет години „така чекаат“. Имаме „ситуација“ и со браната Речани, над Кочани. Почнавме да ја градиме во 2015 година, но по 2017 година со доаѓањето на другата власт, работите беа изведени само 20 проценти. Требаше браната да се заврши во 2021 година, а завшрени се само 20 отсто. Јас кога дојдов сакав веднаш да го активирам целиот процес, но наидов на немање надзор. На надзорот му истекол рокот и едноставно, нема надзор. И уште една пумпна станица во Дебар немаше надзор, не го продолжиле договорот за надзоорт. Се соочив со такви проблеми што минатат година ова време, ноември - декември, не знаев дали ќе успеам да ги покренам сите проекти. Ситуацијата беше навистина тешка, но еве веќе работиме на браната Речани, има и исплати. Пумпната станица Дебар ја завршивме, направивме многу. Успеавме да се убедиме со ЈПДП и „Бехтел и Енка“ за дел од нашата траса да не правиме експропријација, да заштедиме пари од државата, да ја внесеме во трасата на „Бехтел и Енка“. Седум осум години немало експропријација, некој си изградил куќа, некој нешто друго и не можеме да направиме експропријација. Работиме на многу проекти, 19. Во соработка со ФАО распишавме тендер за браната Турија (Струмица Босилово, Ново Село, Василево), да го затвориме каналот за да ги заштедиме загубите на вода, зашто загубите некогаш се до 50 отсто тука. Имаме страшни загуби на вода. Ќе работиме на физибилити студија за да видиме дали ќе можеме да поминеме преку реката Струмица, од десниот брег, а работиме и на уште еден проект - од браната Новоселка да пуштиме линија над атарот на Самоилово и на Бајково, информира Тренов.

[На две локации во полскиот регион на општина Зрновци во тек е изградбата на помошни канали за наводнување и каскади во коритото на реката Зрновка, во рамки на проектот на Локалната самоуоправ]

Според првиот човек на АД „Водостопанство“, Филип Филиповски, крајно време е да се најде начин за интегрирано управување со водите во Македонија. Неопходно е автоматизирање на процесите, а потоа и дигитализација посебно во делот на мониторингот и мерењето. Потребна е детекција на критичните точки во реките и системите за наводнување (во однос на загубите на вода), нивна санација, реконструкција, замена, ставање во функционална состојба на постојната хидромеханичка и друга опрема. како што нагласува Филиповски, губитоците на вода кои засега достигнуваат 60 отсто, дополнително се зголемуваат зашто во системите не е инвестирано 35 години. Напоменува и дека мора да се воведе систем за контрола, да се дефинираат дејностите на комуналните претпријатија и тие да се ослободат од превработеност за финансиски да се растоварат. 

На АД „Водостопанство“, подвлекува директорот, му се неопходни 240 милиони денари за финансиска стабилност. За нормално функционирање на претпријатието мора да се зголемат тарифите на услугите кои не се сменети 25 години. АД „Водостопанство“, открива Филиповски, ќе предложи зголемување на тарифите не само за да се стабилизира работењето на претпријатието, туку и за да се намалат загубите, како и за земјоделците да добијат гаранција дека ќе имаат навремен дотур на вода. Претпријатието, додава, мора да се реорганизира, да се ослободи од „непотребната превработеност“ и да обезбеди специјализиран кадар. Мора да се следат строго пропишани правила и упатства за постапување и користење на системите за наводнување и одводнување, да има правилници за работа во секој сегмент. 

[Поради изведување на водоводен приклучок Ф 150мм. на ул. „Борис Трајковски“ бб, утре без вода ќе бидат корисниците од населба Усје, информираат од ЈП Водовод и Канализација – Скопје.]

-Во Израел има Национално централно тело кое ги поставува критериумите за постапување и правилата, а кај нас секоја општина си има комунално претпријатие. Во некои општини комуналното претпријатие дистрибуира вода, прави дотур и одведува, прочистува и испушта, во други има дополнителна дејност - го изнесува отпадот. Не е пропишано какви типови претпријатија ќе постојат, кој ќе ги контролира. Поставеноста на дејностите е различен, кај едни општини едно комунално претпријатие е за сите дејности, кај други општини е поделено - дистрибуција на вода со чистота и зеленило или со погребни услуги. Се е измешено, ставено на куп, посочува Филиповски.

Тој се осврнува на состојбите во АД „Водостопанство“. 

-Во една година нам ни недостасуваат 60 милиони денари за електрична енергија и 80 милиони денари за исплата на четири плати. Ние не добиваме пари од државата, ниту наплаќаме за чистење на каналите и речните корита. Досега за оваа намена одвојувавме средства од услугата за дистрибуција на вода. Но, идната година планираме заедно со ЗЕЛС и Дирекцијата за заштита и спасување да аплицираме со проект во Министерството за животна средина за да обезбедиме средства за оваа намена. Обезбедувањето средства за управување со речните корита е еден од клучните начини за поефиаксно работење на АД „Водостопанство“. Друг проблем се ниските тарифи за услугите кои не се сменети 25 години. Тоа го оневозможува функционирањето на претпријатието. Цените на енергенсите и на се друго што е потребно за да функционира АД „Водостопанство“ во изминатите 25 години се повеќекратно зголемени. Направивме симулации за поскапување од 30 до 60 отсто и утврдивме дека оптимално би било тарифите за земјоделците и комуналните претпријатија да се зголемат 50 отсто. Тоа, секако, треба да го одобрат МЗШВ, Управата за водостопанство и Владата. Од наша страна сега ќе биде поднесено како барање, а ќе има импликации, односно ќе се фактурира дури во 2027 година, нагласува директорот.

Она што го наследил, додава, било катастрофално.

-Дури и овој збор е преблаг. Речиси сите возила, освен оние на лизинг, беа зарибани, десетте комбиња кои разнесуваа работници по подрачните единици беа исто така зарибани, 70 отсто од механизацијата беше зарибана поради несоодветно избрани фирми и тендерски постпаки за одржување. Но, успеавме се тоа да го ставиме во функционална состојба. Не сакам да звучам политички, но најголемата штета од поранешната власт беше тоа што водата беше испуштена, акумулациите беа празни, а немавме позитивна хидрологија. Акумулациите се наполнија различно - во Калиманци имавме една третина помалку вода, од 113 милиони метри кубни на 85. Сепак, усепавме да ја дистрибуираме, да ја однесеме таму каде што е потребно и да имаме задоволни земјоделци. Затоа, приносите се рекордни кај оризот и грозјето. Тоа покажува дека со добро екипирање, организирање, јасна визија, дефинирани планови и насоки за постапување може да се успее, но, сепак, се неопходни и финансиски средства. Ние првата година покажавме дека можеме и со онаа малку вода, со 70 отсто во Калиманци, со 11 проценти во Мантово и со девет отсто во Паљурци да немаме протести и незадоволни земјоделци, истакнува Филиповски. 

Информира и дека одредени општини, како Струмица и Берово, со години не ги подмируваат обврските за дотур на сурова вода до фабриките за вода кои се надлежност на општините и генерираат обврски кон АД „Водостопанство“ од 95 милиони денари. Вкупните побарувања достигнуваат 250 милиони денари од три комунални претпријатија: Кумановско ЈП „Водовод“, „Комуналец Струмица“ и Беровското претпријатие.

[Од денеска граѓаните на Струмица и шест населени места со вода за пиење ќе се снабдуваат преку 25 апарати поставени во сите училишта и детски градинки, а се обезбедени и 25 канистри со вода з]

АД „Водостопанство“ веќе ги задолжило ЈПДП и „Железници“ да плаќаат за одведување на водата од сите инфраструктури во државата. Делумно се задолжени и неколку воени објекти, но ќе бидат задолжени сите воени објекти, како и општините за одведување на водите од локалните патишта.

-Во постапка се измените на Законот за води и Законот за водостопанство (кој предвидува подоминантна позиција на претпријатието во делот на задолжување, наплата и можности за фактурирањето. Сега не е дадена таква можност. Во однос на земјоделците, тие се најголемите потрошувачи. Им даваме услуги во текот на цела година, а ги фактурираме во последниот квартал, вели Филиповски.

Да се постигне национален консензус и што поскоро да се воведат мерки за рационално користење на водата, апелира невладиниот сектор 

Кирил Ристовски од Центарот за еколошка демократија „Флоразон“, кој покрај Тренов, Филиповски и Димовска, исто така беше дел од македонската делегација во Израел, смета дека многу несериозно се однесуваме кон водата.   

-Кај нас свесноста за рационално трошење на водата е на многу ниско ниво. Загубите кои достигнуваат 65 проценти се јасен индикатор дека ќе мора нешто да менуваме, но од корен. Нашата сугестија, како невладин сектор, е дека мораме час поскоро да градиме консензус во однос на ова прашање и да направиме и политичка, но и граѓанска заложба - прво, да воведеме мерки за рационално искористување на водата, а потоа да дадеме институционален правец и контекст преку следење на примерите на поуспешните од нас. Кога станува збор за промени, тоа треба да се случи на повеќе нивоа. Секторот води го следиме уште од 2008 година кога почна подготовката на Законот за води кој, поради политички интереси на поединци, беше дерогиран до 2011 година. Дури тогаш се усвои. Законот е одлична рамка и ги следи ЕУ директивитие за води. Во тоа време, почнавме со застапување на тезата дека на државата и треба агенција за води. Таа идеја провејуваше низ институциите, но не наиде на позитивен одговор од страна на Владата. Целта на оваа идеја беше сите тела и надлежности кои се „растурени“ по различни министерства, да се интегрираат во една централна институција која ќе го управува водоснабдувањето за домаќинствата, индустријата, земјоделството. Нешто како израелскиот модел. Има премногу политика, особено во делот на водоснабдувањето во земјоделството. Партиите ја сметаат водата за политичка алатка што ја ставаат во функција на нивните политики, особено во предизборието. Тоа - дали ќе има вода или не или кој ја поседува водата, директно влијае врз политичкиот став на македонскиот земјоделец и за жал, тоа е една од главните причини зошто ние не се одважуваме да го централизираме управувањето, оценува Ристовски.

Тој укажува дека целокупниот систем во Израел, образовен/научен и технолошки, е насочен кон подобро управување со водите за да се намалат загубите во дистрибуцијата. Пресметковниот модел базира на реални трошоци, но и на очекувани цели.

-На тој начин се оневозможува злоупотреба од страна на поединци, компании и други тела, а истовремено се мотивираат и науката и целокупната индустрија да применуваат мерки во насока на зголемување на ефикасноста. Превенцијата е „број еден“. Видовме дека за намалување на загубите технолошкиот напредок бележи квантни скокови. Не само вештачка интелигенција, туку веќе се применува и се што е прецизна електроника во форма на сензори кои детектираат дефекти или злоупотреби во водоводниот систем и тоа е на највисоко ниво. Тоа овозможува не само контрола врз количините испорачана вода (загуби), туку и преглед на квалитетот, вели Ристовски. 

Според него, Македонија има проблем и со човечките ресурси во однос на водостопанскиот систем, а и во образовниот процес многу малку се зборува за водите, за начинот на употреба и нивната важност како ресурс, како и колку да штедиме.

[Општина Илинден информира дека континуирано работи на реализација на проектот „Чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали“ со кој се опфатени отворените одводни канали кои с]

-Од осамостојувањето, државата полека, со текот на времето, како да го напушти поранешниот систем на создавање кадри во служба на водостопанството. Сите комунални претпријатија и водостопански субјекти воопшто, се претворија во единици за партиски вработувања. Се напушти концептот на професионализација на кадарот и ако ги земеме предвид бројките, ќе видиме дека тоа е фрапантно. Немаме доволно хидроинженери кои се занимаваат со оваа проблематика. За разлика од кај нас, Израел годишно продуцира најмалу по 400 инженери од областа на водостопанските сектори. Имавме можност да го посетиме Универзитетот на Галилејското море и видовме во кои се специфичќни области и сектори имаат образовни програми и градат стрчен кадар кој ќе може да одговори на сите потреби. Централно место им е развојот на нова ИТ технологија во делот на детенција на квалитетот на водата, прецизно мерење на загубите и секако, превенција - од загадување и слично. Кај нас нема специјализирани студии, освен на Градежниот факултет, но бројот на студенти е многу мал. Секторот едноставно не е атрактивен зашто е премногу партизиран, а младите луѓе не сакаат да работат во такви средини, зашто нивната стручност не може да дојде до израз, напоменува Ристовски. 

Во однос на загубите на вода, Израел е меѓу трите најдобри земји во светот. Националниот совет има стимулирачки, но и рестриктвини мерки во однос на употребата на водата со што влијае врз зголемување на ефикасноста на системот за водоснабдување. Целокупниот систем - образовен/научен и технолошки е насочен кон подобро управување со водите за да се намалат загубите во дистрибутивниот систем. Ако Владата утврдила, на пример, максималната загуба да биде седум отсто, цените се проектираат врз основа на пресметаната загуба и се калкулира нето добивка која ќе ги задоволи оперативните и режиските трошоци на сите даватели на водни услуги (прочистителни станици, фабрики за десалинизација или комунални претпријатија кои вршат дистрибуција на вода на локално ниво).  

До 2006 година Израел управувал со водите слично као кај нас - различни институции имале различни надлежности и секоја институција самостојно „влечела“ кон своите цели и намери за да ги оствари годишните планови. Но, свесна дека таквиот начин на управување доведува до фрагментација и нема конзистентност, ниту следливост на стратегијата за вода (која се проектира за следните 50 години и се ревидира на секои две до четири години согласно моменталните политички, климатски, културни и демографски околности се врши повремена корекција), Израелската влада донела одлука управувањето со водните ресурси да го централизира во едно тело. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата