Учениците кои тука го завршиле основното образование паметат дека училиштето било на два ката, во влезниот дел го красел голем насликан ѕиден мурал, како и музејски примероци од живиот свет во Дојранското Езеро.
На долниот кат настава држеле одделенските паралелки од прво до четврто одделение, додека на вториот кат учеле класовите од петто до осмо одделение.
- Доле се наоѓаше и кабинет по предметот ОТП, а зад школото имавме спортска сала, во која во едниот крај имаше и бина каде се држеа училишни претстави. Одевме во смени, така што прва смена секогаш беа класовите, кои обично ги имаше по два од истата генерација, додека одделенија имавме само по едно од секоја година и броеја по десеттина ученици, бидејќи тоа беа само децата што живеат во Нов Дојран. Се сеќавам дека за да влеземе во училиштето, сите класови мораше да се наредиме во редици на предниот влез, а исто така наредени чекавме да влеземе и во училишната менза, вели 83-годишниот дојранец, Панде Шулев.
Родените во 80-тите години веројатно биле последните генерации кои учеле во оваа училиштна зграда, бидејќи во меѓувреме почнало да се гради и нов објект на истото училиште на нова локација. Жителите раскажуваат дека наставата веќе почнала во новата зграда, а стариот објект бил исселен, кога во првите години од овој век, за време на летниот распуст, училиштето е запалено. Огнените пламени брзо го совладале покривот, кој, според сеќавањата на дојранските жители, во минатиот век се правел од плетена трска, врз која се ределе ќерамиди, па и покрај пожарникарската интервенција, од училиштето останале само ѕидовите на некогашната градба.
Сегашните урнатини на старото училиште се граничат со новата детска градинка „Кокиче“, отворена пред десет години, па со цел да се уреди просторот, локацијата на старото основно училиште влезе во предизборната програма на новиот градоначалник на Дојран, Илија Тентов.
Во инфраструктурните проекти во програмата се планира реновирање на старото училиште и негово трансформирање во нов мултифункионален комплекс за учење и забава, кој е предвидено да се реализира со средства од општинскиот буџет, централната власт и од меѓународни фондови.

