Германска банка финансирала еден од најголемите бордели во Европа, сега е под истрага

26.08.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Германска банка финансирала еден од најголемите бордели во Европа, сега е под истрага

Германскиот финансиски регулатор BaFin побара информации од регионалната банка „Volksbank Köln Bonn“ во врска со заем искористен во 2021 година за финансирање на купувањето на еден од најголемите бордели во Европа, изјави за „Ројтерс“ извор запознаен со случајот.

„Volksbank Köln Bonn“ му го одобрила заемот на кинескиот инвеститор Ху Јинг за купување на борделот „Паша“ во Келн.

Проституцијата е легална во Германија.

Во јули, банката ангажирала адвокатска канцеларија за независно истражување на трансакцијата, вклучително и дали некој член на управниот одбор можеби лично профитирал од зделката. Деталите за заемот не се обелоденети.

 „Volksbank Köln Bonn“ одби да ја коментира истрагата на BaFin. Банката изјави дека го смета членот на одборот за невин сè додека не се утврдат сите околности и напомена дека тој ќе остане на отсуство додека не заврши проверката.

Адвокатот Маркус Лемкулер изјави за „Ројтерс“ дека го застапува членот на одборот Јирген Нојтгенс, кој ја извршува таа функција од 2018 година.

Според извор запознаен со случајот, BaFin ја истражува можноста дека на Нојтгенс му била исплатена провизија во врска со заемот. Ројтерс не успеа да утврди на кого и за што била исплатена наводната провизија. „Мојот клиент во ниту еден момент не примил никаква исплата“, напиша Лемкулер како одговор на прашањата од Ројтерс.

Тој додаде дека очекува истрагата да покаже оти обвинувањата против неговиот клиент се неосновани. Банката покрена внатрешна истрага по извештаите во германските медиуми за заемот.

Германските „Фолксбанки“ (Volksbanken) се задружни банки во сопственост на нивните членови и претставуваат важен дел од финансискиот систем на најголемата европска економија.

Тие ретко одобруваат кредити за странски инвеститори и генерално избегнуваат деловни активности што би можеле да ѝ наштетат на нивната репутација.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата